logo
logo
logo

ИМА ТЕШКО И ЛЕСНО ПОВРЕДЕНИ - 8 лица учествувале во масовна тепачка поради нерасчистени семејни односи

Vecer | 18.08.2025

ИМА ТЕШКО И ЛЕСНО ПОВРЕДЕНИ - 8 лица учествувале во масовна тепачка поради нерасчистени семејни односи

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против осум лица поради учество во масовна тепачка што на 16 август се случила на улицата „Славеј Планина“ во Скопје.

Во инцидентот, кој се случил поради нерасчистени семејни односи меѓу две групи, две лица се здобиле со тешки телесни повреди, а уште неколку биле полесно повредени.

Едно лице е осомничено за обид за убиство откако со дрвена штица тешко повредило едно лице од спротивставената група. Повредениот се здобил со фрактура на черепот и крвавење на мозокот.

Иако станува збор за млад човек кој неодамна наполнил 18 години, Обвинителството предложи мерка куќен притвор поради ризик од бегство, влијание врз сведоци или повторување на делото.

Друг осомничен е обвинет за нанесување тешка телесна повреда откако со тупаници му ја скршил долната вилица на еден од учесниците во тепачката.

Преостанатите шест лица се осомничени за кривично дело учество во тепачка. За нив се предложени мерки на претпазливост.

За случајот вчера информираа и од Министерството за внатрешни работи (МВР) од каде што рекоа дека ноќта од 16 кон 17 август во полициската станица на Бит-пазар биле лишени од слобода С.Д. (50), С.С. (56), А.А. (19), С.Џ. (18), Џ.Р. (21), А.Д. (25), С.Д.(18) и Д.Д. (31), сите од Скопје.

Лицата биле лишени од слобода по претходна пријава дека на 16 август околу 19 часот на улицата „Славеј планина“ меѓусебно физички се пресметувале, а користеле и разни тврди и остри предмети.

Во пресметката, како што информираа од МВР, со тешки телесни повреди се здобиле С.Д.(33) и А.Д. (27), двајцата од Скопје, а уште неколку лица се здобиле со повреди.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk