По повод 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, Министерството за односи меѓу заедниците, во соработка со Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците и Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците, денеска организираше пригоден настан посветен на унапредувањето и афирмацијата на јазичната разновидност.
Во рамки на одбележувањето беа доделени благодарници на две институции, и тоа - Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Националната установа „Музеј на албанската азбука“, како и на наставниците Марија Николова, Аџер Иметоска, Изета Бабачиќ, Аида Зуковиќ, Дарија Ковачевиќ-Божиновска, Арабела Иљаз и Жаклина Милинковиќ, претставници на етничките заедници кои наставата ја реализираат на мајчин јазик, како признание за нивниот придонес во негувањето, зачувувањето и развојот на јазичниот и културниот идентитет на заедниците.
На настанот зборуваа потпретседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, г. Иван Стоилковиќ, како и директорите на двете управи во рамки на МОЗ, г. Мирослав Тричковиќ и г. Исмаил Демировиќ, а се отвори и конструктивна дискусија за состојбите во образованието на јазиците на заедниците, при што се разговараше за тековните планови и активности, како и за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат заедниците во обезбедувањето квалитетна настава на мајчин јазик, особено кога станува збор за учебниците на јазиците на етничките заедници. Присутните разменија мислења и предлози со цел унапредување на институционалната поддршка и надминување на предизвиците.
„Разбирањето меѓу нас и разбирањето на другите, како и заемната соработка е темел и само така можеме да постигнеме резултати и да изнајдеме решение за сите проблеми“, истакна потпретседателот и министер Стоилковиќ, испраќајќи порака до авторите на учебници на јазиците на етничките заедници да не се обесхрабруваат и да ја продолжат својата мисија за доброто на идните генерации.
Марија Николова, претставник на влашката заедница, истака дека е горда на оваа блаодарница, истакнувајќи дека меѓу бројните признанија добиени во досегашната професионална кариера ова и е најдраго бидејќи доаѓа од нејзината земја, од институција чија мисија меѓу другото е заштита на правата на етничките заедници, унапредување на меѓуетничките односи и јакнење на мултикултурната кохезија, како и промоција на мултикултурните вредности.
Настанот е дел од заложбите за континуирана поддршка на политиките што ја промовираат еднаквоста, недискриминацијата и почитувањето на правото на образование на мајчин јазик.
Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, воспоставен од Обединетите нации и УНЕСКО во 1999 година, има за цел промоција и заштита на јазичната разновидност и поттикнување на образованието на мајчин јазик како значаен предуслов за зачувување на културниот идентитет и унапредување на меѓусебното почитување и соживот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата