logo
logo
logo

ПОТВРДЕНА Е ЗАТВОРСКАТА КАЗНА за “лекарот“ кој извади органи од Јилдиз Веапоска

Vecer | 05.05.2026

ПОТВРДЕНА Е ЗАТВОРСКАТА КАЗНА за “лекарот“ кој извади органи од Јилдиз Веапоска

Порталот Вечер.мк, по контакти со нејзиниот сопруг, прв ја објави сторијата за родилката од Дебар, Јилдиз Веапоска, која остана без матка, бубрег и еден јајник при породување со царски рез во август 2020-та година кај гинекогот, д-р Мухамед Асани. Откако состојбата ѝ станала критична, ја префрлиле на скопските клиники, а кога се разбудила од кома дознала дека ѝ се извадени органите. Лекарската комора не пронајде грешка во постапувањето на лекарот кој е и директор на болницата во Струга, а Веаповска против него поднесе кривична пријава во струшкото обвинителство.

Судскиот процес со родилката од Дебар во кој првообвинетиот Мухамед Асани, лекар-специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот Блертон Асани, лекар-специјализант по гинекологија и акушерство, и третообвинетата Лилјана Јованоска, лекар-гинеколог акушер, се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето, започна во 2022, а делото застаруваше во 2026 година.

Директорот на струшката болница Мухамед Асани, кој ја остави родилката Јилдиз Веапоска без матка, бубрег и јајник, оди зад решетки. Битолска апелација ја потврди тригодишната затворска казна, а во сила останува и забраната за вршење лекарска дејност во траење од пет години. Дискутабилно е дали ова значи крај на кариерата на гинекологот Асани, кој се товари за тешки дела против здравјето на луѓето. На останатите осомничени, синот на Асани, Блертон и докторката Лилјана Јовановска, ќе им се суди од почеток.

„Потврдена е првостепената пресуда за првообвинетиот, тоа значи во тој дел таа првостепена пресуда стана правосилна. А што се однесува за второ и трето обвинетите, уважена е жалбата на јавното обвинителство и предметот е вратен на повторно разгледување и одлучување. Тоа подразбира за второ и трето обвинетиот повторно ќе се суди и судењето ќе почне од почеток“ – вели Сашо Јанев, адвокат на Веапоска.

Мухамед Асани ќе треба да ја одлежи казната затвор во Битола или во Струга. До формалната одлука за ова, која треба да ја донесе судот, тој секој ден ќе може да оди на работа. Неговите адвокати најавуваат жалба до Врховен суд.

„Ќе поднесеме барање за вонредно преиспитување на пресудата до Врховен суд со барање за одлагање на казната до одлука на Врховниот суд“, изјави Игор Петковски – адвокат на Мухамед Асани.

Жалбата до Врховен не го одложува спроведувањето на затворската казна. Штом се изготви решението, Асани ќе мора да се јави во затвор. Инаку, за потсетување, обвинителството во долгата и мачна 4-годишна голгота, по безброј одложувања, докажа дека тој бил виновен затоа што ја оставил Јулдиз Веапоска без три органи. Таа беше оперирана во 2018-та година и доколку не била препратена на скопскиот клинички центар, целата ситуација би завршила дури со смртен исход, констатираше судијата Јордан Јованов при изрекување на пресудата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk