Меѓународниот аеродром Скопје ја подигна безбедносната контрола на највисоко европско ниво. Со инвестиција од еден милион евра, денеска беа пуштени во употреба два нови компјутеризирани томографски уреди за проверка на рачен багаж, како и две нови автоматизирани ленти за враќање на корпите, изработени од реномираната британска компанија Smiths Detection. Новата паметна технологија носи радикално подобрување на искуството за патниците и става крај на досадните процедури.

Со новите скенери се овозможува значително побрза контрола и пократко време на чекање, со што целосно ќе се елиминираат метежите. Најголемото олеснување за граѓаните е што повеќе нема да имаат обврска да ги вадат лаптопите, таблетите, мобилните телефони и течностите од рачниот багаж, бидејќи сите предмети сега можат да останат во торбата за време на скенирањето. Дополнително, оваа технологија овозможува обработка на до двојно повеќе патници на час по една линија, што е од клучна важност за справување со растечкиот сообраќај во шпицот на сезоната.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, истакна дека со оваа технологија Меѓународниот Аеродром Скопје се позиционира покрај големите европски центри како што се Франкфурт, Хитроу и Цирих каде што овие системи веќе се стандард, а истите уреди се користат и на водечките аеродроми во САД, Израел и Индија.
Новите системи се дел од поширок инвестициски циклус во безбедноста на скопскиот аеродром, откако минатата година беа имплементирани уште два големи проекти во вкупна вредност од речиси два милиони евра. Менаџментот на ТАВ Македонија порачува дека крајната цел на сите овие милионски вложувања е модернизација на процедурите, зголемување на ефикасноста и обезбедување врвна, конкурентна услуга која ги исполнува и ги надминува европските стандарди.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата