По 6 месечни протести на граѓаните на Кичево против дивата депонија која се наоѓа во урбаниот дел на градот, денес реагираше и полицијата.
Екипи од МВР излегле на лице место и затекнала повеќе комунални возила од "ЈП Комуналец" кои во моментот вршеле незаконски истовар на отпад, на дивата депонија во халите на поранешниот керамички комбинат „Вранештица“.
Заради индиции за нелегална работа на општинското ЈП Комуналец, на распит во полицијата биле повикани десет лица вработени во комуналното претпријатие, меѓу кои и директорот Зендел Јонузи, кој 10 години е на чело на ова ЈП.
Директорот Јонузи важи за силен активист на ДУИ во општината и е близок соработник на градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, по чив предлог е избран да управува со комуналното претпријатие.
Исто така, на лице место МВР повикала и инспектори за заштита на животната средина, кои изготвиле записник за нелегалниот истовар на отпад.

Дивата депонија во Кичево зафаќа околу 9 илјади м2, лоцирана е меѓу населбите "Иванидол" и "Центар-2", каде дневно се одлагаат околу 20 тони отпад.
Жителите на Кичево пет години чекаат да се реши овој горлив проблем кој претставува и здравствен ризик од разни видови на загадувачи кои се одлагаат на депонијата.
Тие неколку пати излегуваа на протести против локалната самоуправа.
Тие се исплашени за своето и здравјето на своите деца, бидејќи по секое опожарување на депонијата, како што велат еколошките активисти, се шират отровни материи како диоксини и фурани, кои се сериозна закана по здравјето на луѓето, особено на оние кои живеат во непосредна близина на депонијата.
Барањата беа исти, протестите се со цел дислокација на дивата депонија, настаната во местото повеќе познато меѓу кичевчани Керамички комбинат.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата