Премиерот Христијан Мицкоски ја потврди стабилноста на владината коалиција, нагласувајќи дека таа не само што е цврста, туку по потреба може да обезбеди и двотретинско мнозинство во Собранието. Тој ги отфрли шпекулациите за внатрешни проблеми во власта, фокусирајќи се на реформите и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните.
Наместо во владината коалиција, Мицкоски ги лоцира проблемите во опозициската СДСМ, посочувајќи на внатрешните превирања и јавните критики од нивните истакнати членови кон актуелното раководство.
„Не би рекол дека се распаѓа владината коалиција, повеќе би рекол дека се распаѓа СДСМ, имајќи предвид дека поранешни видни членови на партијата, градоначалници, актуелни и поранешни, излегуваат со жестока критика на раководството на СДСМ. Што се однесува до владината коалиција, таа е стабилна, цврста, ако има потреба, има и двотретинско мнозинство во рамките на парламентот. Тоа го покажавме во неколку наврати, ако е потребно, ќе го покажеме и повторно“, рече Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата