Обилните врнежи од дожд што ја зафатија државата во текот на ноќта предизвикаа поплави во повеќе региони, а најтешка е состојбата во Полошко и во Кичево, информираа од Центар за управување со кризи (ЦУК).
Според податоците заклучно со 08:30 часот, во Полошкиот регион екипите на противпожарната служба во Гостивар интервенирале во текот на целата ноќ. Најкритична е состојбата во селото Форино, каде има значителни поплавувања. Под вода се и земјоделски површини во селата Чајле, Турчане, Врапчиште и Беловиште.
Најсериозни последици има во Кичево. На улицата Прилепска се регистрирани најголемите поплавувања на куќи, а евакуирани се 220 лица кои се сместени во спортската сала Христо Узунов. Заезерувања има и на улицата 29 Ноември во населбата Подварош, каде што се поплавени подруми во повеќе домови. Поплавени се и делови од кичевската болница.
– Екипите се постојано на терен и ја следат состојбата. Приоритет е безбедноста на граѓаните и обезбедување основни услови за евакуираните лица – информираат од ЦУК.
Со поддршка на Црвен крст на Република Македонија организирана е достава на храна и вода, додека на терен интервенираат полицијата, комуналните служби и противпожарните екипи.
Во Североисточниот регион, во Општина Липково, дел од селото Опае е зафатен од излевање на Слупчанска Река, при што се поплавени земјоделски површини, но засега нема пријавени материјални штети. Поплави на ниви се регистрирани и во селото Оризаре. Во Куманово, кај мостот на Кумановска Река во селото Доброшане (локација Шупли Камен), има насобран отпад, но засега нема опасност од излевање.
Во Скопскиот регион, во Општина Сарај состојбата е стабилна и под контрола, додека во Општина Зелениково е регистрирано минимално излевање на реката Вардар кај селата Пакошево и Ново Село, без непосредна опасност.
Во Југоисточниот регион, во Струмица нема пријавени штети од дождовите, но регистриран е одрон на патот кај селото Суви Лаки кон Берово, за што се известени надлежните служби.
Во Источниот регион, во Пробиштип има прекин во снабдувањето со електрична енергија во селата Долни и Горни Стубол, а екипи на ЕВН работат на санирање на дефектот.
Надлежните институции апелираат граѓаните да бидат внимателни и да ги следат официјалните информации додека трае нестабилното време.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата