logo
logo
logo

ДО ВЧЕРА БАРАШЕ, СЕГА НЕМА ДА ДОЈДЕ? Лидерската не е за избори, одбивањето на дијалог е политички некултурно

Vecer | 08.01.2026

ДО ВЧЕРА БАРАШЕ, СЕГА НЕМА ДА ДОЈДЕ? Лидерската не е за избори, одбивањето на дијалог е политички некултурно

Премиерот Христијан Мицкоски нема да ја откаже планираната лидерска средба и покрај експресниот бојкот најавен од СДСМ.

Од Гевгелија, каде присуствуваше на отворање на градинка, тој најави дека формалните покани до партиите ќе бидат испратени во текот на денешниот или утрешниот ден, а средбата е закажана за 14 јануари во 12:00 часот во Клубот на пратеници.

Мицкоски испрати јасна порака: „Владата има капацитет и бројки да ги донесе реформите и сама, но подава рака за политички консензус заради државните интереси.“

Коментирајќи ги обвинувањата од Венко Филипче дека ВМРО-ДПМНЕ е „криминална власт“ со која не се преговара, Мицкоски оцени дека таквиот речник е резултат на внатрешните обврски на лидерот на опозицијата, а не на реалната политичка состојба.

„Претпоставувам и ваквото однесување негово на ваков тип на обраќање во јавноста е составен дел од неговиот менаџерски договор којшто го има потпишано како претседател на СДСМ во овој момент, па претпоставувам дел од обврските коишто треба да ги одработи, а се содржани во тој менаџерски договор, е и ваквите навреди кон владата,“ истакна Мицкоски.

Тој го нарече однесувањето на СДСМ „збунувачко“, потсетувајќи дека до неодамна токму тие бараа лидерска средба, а сега кога таа се нуди, тие ја одбиваат.

Мицкоски децидно ги отфрли шпекулациите дека средбата е вовед во предвремени избори. Тој појасни дека фокусот на Владата се реформите и економскиот напредок, а темите на маса се од суштинско значење за евроинтеграциите:

-Избор на Народен правобранител: Тема која произлегува од извештаите на Европската комисија.

-Реформски закони: Вклучително Законот за Јавно обвинителство, Законот за Судски совет и Законот за јавно-обвинителска и судска служба.

-Изборен законик: Дискусија за препораките на ОБСЕ/ОДИХР и статусот на техничката влада.

„Сакавме на таа лидерска средба да поразговараме и за реформските закони… закони коишто се дел од реформската агенда,“ потенцираше премиерот.

Премиерот потсети дека владејачката коалиција располага со убедливо мнозинство во Парламентот – речиси двотретинско – што им овозможува да ги носат законите и без гласовите на опозицијата. Сепак, тој инсистира на инклузивност.

„Нас апсолутното мнозинство во парламентот ни овозможува и без консултации со опозицијата тоа да го правиме… Но, сакавме да покажеме зрелост, да покажеме широчина,“ рече Мицкоски.

Во однос на техничката влада (Пржинска влада), Мицкоски го повтори ставот дека таа е штетна за системот, но дека нема намера да ја укинува еднострано.

„Ако ние одлучиме така да се однесуваме незрело и неодговорно како што тој се однесува… ние со 61 глас во парламентот можеме да го смениме Законот за влада и да ја избришеме техничката влада. Не ни е потребно мислењето на опозицијата. Но, ние сакаме да процесот биде инклузивен,“ објасни тој.

Мицкоски заклучи дека доколку СДСМ одлучи да не дојде, Владата ќе продолжи со својата агенда, оставајќи ја опозицијата да „тони во своето политичко мочуриште“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk