Значајна потврда за реформскиот курс на државата и за работата на Министерството за правда (МП) дојде од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој ги поздрави континуираните напори и постигнатиот напредок во спроведувањето на реформската агенда, соопшти денеска МП.
-Особено сме горди што Европската Унија го препозна усвојувањето на Патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација како конкретен и опиплив резултат на нашата посветеност. Овие стратешки документи претставуваат темел за изградба на поефикасни институции, посилно владеење на правото и поголема доверба на граѓаните во правосудниот систем - се наведува во соопштението.
Министерството за правда, се додава во него, останува цврсто посветено на спроведување на реформите, исполнување на европските стандарди и забрзување на евроинтегративниот процес.
-Признанието од највисоките европски претставници е потврда дека реформите даваат резултати, а нашата држава сигурно чекори кон своето место во европското семејство - нагласува МП.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата