logo
logo
logo

НАЈМАЛАТА ЖРТВА ИМА САМО 3 ГОДИНИ: Црната статистика на сексуалното насилство врз децата во Македонија

Vecer | 29.04.2026

НАЈМАЛАТА ЖРТВА ИМА САМО 3 ГОДИНИ: Црната статистика на сексуалното насилство врз децата во Македонија

За шест години во Македонија се регистрирани 604 случаи на сексуална злоупотреба на деца, од кои најмалото е на 3-годишна возраст, констатира извештај на Народниот правобранител.

Советничката Васка Бајрамовска-Мустафа, која го води одделот за правата на децата, на денешната прес-конференција рече дека анализата го опфаќа периодот 2020-2025 година и се темели на податоци обезбедени од Министерството за внатрешни работи (МВР), Центрите за социјална работа, судовите, обвинителствата, здравствените установи, граѓански организации, како и податоци добиени од Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство.

Во периодот 2020-2024 година се евидентирани 508 случаи на сексуална злоупотреба на деца,за кои е отворен предмет во МВР. Од нив, 455 жртви се девојчиња, а 53 се момчиња. ​Најголем дел од случаите се однесуваат на тешки кривични дела: силување на дете под 15 години – 186 случаи,  полов напад и силување – 99 случаи и вонбрачен живот со дете – 96 случаи.

Останатите дела, како што се полово вознемирување, прикажување на порнографски материјали, производство и дистрибуција на детска порнографија и родосквернавење, се пријавуваат во помал број, но сепак претставуваат сериозни форми на злоупотреба кои често остануваат скриени или ненадлежно пријавени, се наведува во извештајот.

– ​Во текот на 2025 година во земјава се евидентирани нови 96 деца жртви на кривично дело против половата слобода и половиот морал, од кои 88 девојчиња и 8 момчиња. Повторно, најчесто регистрирано кривично дело е Силување на дете под 15 години, со 48 жртви. ​Иако сексуалната злоупотреба на децата главно ги засега девојчињата, податоците потврдуваат дека и момчињата се жртви, при што е можно реалниот број на машки жртви да е поголем со оглед на потешкотиите за пријавување поради срам, стигма и социјалните норми – рече Бајрамовска-Мустафа.

​Над 57% од жртвите се деца на возраст од 11 до 15 години. ​Околу 90% од жртвите се девојчиња.

Според етничката припадност, најголем број жртви се Македонци, а втори по бројност се ромските деца (над 28% од жртвите), што укажува на поврзаноста помеѓу сексуалната злоупотреба и факторите сиромаштија, социјална исклученост и ограничен пристап до институционална заштита.

– ​За жал, евидентирани се и случаи на сексуална злоупотреба кај деца под 10-годишна возраст, вклучително и на дете од 3-годишна возраст. Ова претставува сериозен аларм за итно и системско делување, особено во делот на превенцијата и раното препознавање на ризиците – порача Бајрамовска – Мустафа.

Најчести пријавувачи на случаите се родителите, односно старателите и медицинските установи, а поретко образовните институции или центрите за социјална работа, што укажува на потребата од засилување на едукативната и заштитната улога на училиштата и на центрите за социјална работа.

​Општа констатација е, рече таа, дека и покрај постоењето на формално-правна и стратешка рамка, системот за заштита на деца жртви не овозможува доследна, навремена и прилагодена поддршка со почитување на принципот на најдобар интерес на детето.

– Анализата покажува постоење на стигма, страв и недоверба кај жртвите и нивните семејства, кои често одбиваат да соработуваат поради срам. Молкот на жртвите упатува на неопходност од поголем број доверливи механизми за пријавување на вакви случаи. Покрај ова, анализата укажува на сериозни слабости во постапувањето на институциите. Иако законот предвидува детето да се сослуша само еднаш, во пракса тоа не се применува доследно. Како резултат на тоа, децата се изложени на повторно преживување на траумата, односно се јавува секундарна виктимизација, што е сериозен институционален пропуст, бидејќи наместо заштита, системот во одредени случаи дополнително ја продолжува штетата – рече советничката.

Дополнително, нема соодветни простории за сослушување на децата жртви, обучен кадар за пристап кон децата жртви на сексуално насилство, како и стандардизирана пракса за еднократно интервјуирање во полицијата.

Анализата покажа и дека здравствените тимови се недоволно специјализирани, како и дека има  несистемско вклучување на стручни лица во обвинителските постапки, а судските постапки траат и до две години.

– Особено загрижува фактот што механизмите за поддршка и обесштетување речиси не функционираат. Во целиот овој период се поднесени вкупно 6 барања за паричен надоместок, од кои ниту едно не резултирало со реална поддршка. ​Недоволната искористеност, административните пречки и слабата меѓуинституционална координација укажуваат дека правото на паричен надоместок сè уште не е ефективно достапно за децата жртви на сексуално насилство. Оттука, неоспорно е дека постоењето на закон не е доволно, односно дека е потребна нивна доследна примена, системски промени и пристап кој ќе го постави детето во центарот на вниманието – кажа Бајрамовска-Мустафа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk