logo
logo
logo

Менкиноски

Народот живее колку што долго живее пренесувањето на неговот знаење, јазик и традиција. Толку

Vecer | 05.04.2026

Народот живее колку што долго живее пренесувањето на неговот знаење, јазик и традиција. Толку

Посветено на Фанка Станоевска-Фанче, просветна работничка и учителка, која нè научи „зошто“ и „како“ се сака животот, се почитуваат луѓето – и татковината се љуби безусловно и вечно

Прекинот што не го именувавме!

Љубовта кон мудроста е својство на секое човечко суштество. Филозофијата на животот започнува со едно едноставно но длабоко прашање „зошто“. Тоа е прашањето што човекот го поставува уште од првиот судир со светот, прашањето што бара смисла, причина и објаснување за постоењето.

Но филозофијата не застанува тука. Филозофот од Стагира (денес „Централна“ Македонија, полуостров Халкидики), Аристотел, го надополнува ова прашање со друго, еднакво важно „како“. Ако „зошто“ нè води кон смислата, „како“ нè води кон разбирањето. И токму помеѓу овие две прашања се градел човечкиот свет. Не само како мисла туку и како искуство што се пренесува од генерација на генерација.

Со векови тоа пренесување било тивко, но сигурно. Знаењето не било само нешто што се учи од книги, туку нешто што се живее. Се пренесувало од татко на син, од мајка на ќерка, од мајстор на чирак. Преку пример, преку работа, преку време. Тоа бил континуитет што не се доведувал во прашање, затоа што бил природен. Знаење за слободата како духовна способност и човекот да умее „зошто“ да живее и „како“ да остане свој.

И кај нас, Македонците, во нашите домови, тоа знаење имало лице, ум, а и глас. Не доаѓало само од учебници туку и од луѓе.

Од дедото што раскажува додека рацете му се напукнати од работа. Од таткото што не објаснува многу, туку покажува – со молк, со поглед, со пример. Од мајката што не зборува за жртва, туку ја живее секојдневно. Македонецот не учел само „зошто“ да прави, туку и „како“ да живее. Како да издржи. Како да остане. Како да не се откаже.

И сето тоа се пренесувало тивко, но сигурно – од генерација на генерација, без прекин, без сомнеж дека ќе продолжи. Тоа го сведочат и нашите преродбеници – од Марко Цепенков, кој го собирал народното паметење, до Димитар и Константин Миладинов, Кузман Шапкарев и Григор Прличев, кои знаеле дека народот живее онолку долго колку што се пренесува неговото знаење. Тоа знаење не било демагошко учење, туку ослободување – тивка духовна слобода да знаеш кој си, зошто стоиш достоинствен и како да не се откажеш. Тоа било знаење како да ги совладаш природата и средината, но и зошто да се бориш за опстанок, почитувајќи ги општите цивилизациски принципи.

...

Моментот кога македонскиот вековен континуитетот се прекина – не затоа што немаше што да се пренесе, туку затоа што некој одлучи дека тоа повеќе не вреди. Далечната 1991 година не беше само почеток на ново време туку и почеток на заборавот. И токму тука започна вистинското самоуништување. Не со војна. Не со болест.

Туку со откажување од самите себе. Кога заблудата се прогласи за вистина, а вистината за лага.

Но тоа не значи дека ние заборавивме „зошто“ и „како“ се сака животот, се почитуваат сите луѓе и татковината се љуби безусловно и вечно. „Зошто“ нашите предци сепак ни кажаа „како“ да ги учиме нашите поколенија!

Никогаш нема да го заборавам делото на мојата учителка Фанка Станоевска-Фанче, жена што го обликуваше моето образование во најраните години. Просветна работничка што ја памтат многу генерации на ученици. Учителка што не нè учеше само со зборови туку и со дух. Нè учеше на вредности што не се запишуваат во учебници: на еднаквост – без разлика кој си, на скромност – без разлика што си, на знаење – како обврска, не како привилегија, и на работа – како единствен пат до достоинство.

На нејзините часови, татковината не беше лекција – беше чувство што растеше во нас, како нешто старо колку вековите. Како земја што минала низ темнини, што собирала страдања на своите рамена, но не се откажала од себе. Како земја што дала жртви за слобода, додека Вардар течејќи ја миел ропската клет и ја носел историјата како сведоштво. Песната „Земјо моја“, која пред 50 години ја отпеа Никола Давитковски-Коле, секогаш ја исполнуваше атмосферата на часовите по музичко образование. Но не како мелодија, туку како сведоштво и поттик за размислување. Нашата учителка нè учеше да ја чувствуваме татковината, пред да ја разбереме. Да знаеме зошто ја сакаме – затоа што таа љубов е создадена од болка, истрајност и жртва. И да учиме како да ја сакаме – тивко, достоинствено, преку одговорноста да не ја прекинеме таа приказна. Да ја чуваме како нешто најсвето, како дом, како семејство, како љубов!

Иако ѝ припаѓаше на македонската елита, таа никогаш не го покажуваше тоа. Никогаш не ни зборуваше дека за време на летните одмори, заедно со својот сопруг, му беше редовна гостинка на претседателот Тито на Бриони. За неа, поважни беа нашите доживувања – нашите приказни од Охрид, Крани, Дојран, Маврово. Нашите мали светови, кои таа ги правеше големи. Во тие часови не учевме лекција, туку живот.

Не паметевме зборови, туку вредности. И можеби токму таму првпат сфативме дека татковината не е само земја, туку паметење што се пренесува – или се губи.

А денес, кога тој пренос е прекинат, прашањето повеќе не е дали ја сакаме татковината – туку дали знаеме како да ја сакаме.

Квантниот пресврт на „демонократијата“ што доведе до генерациско самоуништување

Во изминатите триесет години не ни беше променет само системот. Ни беше сменет и јазикот на реалноста. Ни рекоа: ова е напредок. Нѐ убедуваа: ова е слобода. Ни објаснуваа: сега сè ќе зависи од вас. Суптилно нѐ учеа на меѓусебна омраза, а не знаеја дека за нас тоа е туѓа именка. Сакаа македонскиот систем на вредности да исчезне пред да се создаде нов.

Приватизацијата ни беше претставена како создавање вредност. А за многумина, таа значеше губење на сè што имаа. Фабрики се затворија, комбинати се распаднаа, а со нив исчезнаа и цели професии. Луѓе со знаење останаа без место. Не затоа што знаењето им беше погрешно, туку затоа што повеќе немаше каде да се примени. Ни рекоа: снајдете се. Но не ни покажаа како. Ни рекоа: пазарот ќе реши. Но не ни објаснија дека пазарот нема меморија и морал. И така се создаде една од најголемите заблуди: дека новото автоматски значи подобро. Во реалноста, новото дојде без основа, а старото беше оттурнато без почит. И токму тука се случи вистинската загуба – не на економија, туку на знаење.

Но тоа не беше само системска промена, тоа беше и време на илузии. Време кога на местото на знаењето дојдоа ветувања, а на местото на искуството – измами. Се појавија луѓе што нудеа брз успех, лесна заработка и сигурна иднина. Се создадоа шеми што личеа на можност, а беа замка. Имиња како Субрата Рој и многу други не беа случајност, туку симптом – симбол на едно време во кое довербата беше експлоатирана, а надежта претворена во бизнис.

Не беа тоа изолирани случаи. Тоа беше модел. Модел во кој измамата се претставуваше како визија, а наивноста како инвестиција. Луѓето што вчера граделе, создавале и знаеле, денес беа убедувани да веруваат во нешто што не го разбираат. И многумина поверуваа – не затоа што беа наивни, туку затоа што беа оттурнати од сè што претходно им давало сигурност.

И така, покрај фабриките, не се затворија само вратите на индустријата – се отворија вратите на заблудата. Покрај економијата, не се распаднаа само системите – се разниша довербата. А кога се губи довербата, знаењето престанува да биде вредност – и станува товар. И токму тука заблудата не беше случајна грешка. Таа стана правило.

А вистината – исклучок.

Во првите две децении од независноста, помеѓу 1991 и 2010 година, Македонија изгуби над 250.000 работни места – не како статистика, туку како прекин на цели животи, професии и знаења. Невработеноста достигна над 30 проценти, а во одредени периоди и над 35 проценти – не како бројка, туку како состојба на општество оставено без насока.

Се затвораа капацитети што со децении граделе не само економија туку и идентитет. ОХИС престана да биде индустриски столб. „Железара“ се претвори од симбол на производство во симбол на неизвесност. Текстилните фабрики во Штип и источна Македонија се распаѓаа или преживуваа со минимални услови. Рудници, преработувачки капацитети, земјоделски комбинати – цели системи исчезнуваа или се сведуваа на сенка од она што биле.

...

„Зошто“ нашите предци не можеа да ни кажат „како“ и зошто ние нема да се предадеме

Зошто нашите предци не можеа да ни кажат „како“ да ги учиме нашите поколенија? Одговорот не е во незнаењето. Одговорот е во времето. Тие во тој период не живееја за да учат – тие живееја за да преживеат. Во моментот кога системите се распаѓаа, кога фабриките се затвораа, кога сигурноста исчезнуваше прекуноќ – тие немаа простор за пренос. Немаа време да објаснуваат. Немаа услови да бидат учители. Тие не беа генерација што не знаеше „како“.

Тие беа генерација на која ѝ беше одземена можноста да го каже тоа „како“. Кога човек се бори за опстанок, знаењето станува тивко. Кога човек се бори за леб, мудроста се повлекува. Кога човек преживува – не подучува, туку издржува. И токму затоа прекинот не беше нивна слабост. Прекинот беше наметнат.

Но тоа не значи дека синџирот е скршен засекогаш. Затоа што знаењето не исчезнува – тоа чека. Чека да биде повторно откриено. Чека да биде повторно разбрано.

Чека некој повторно да го поврзе „зошто“ со „како“. И тука започнува нашата одговорност. Ние сме генерацијата што не доби одговори, но тоа не нè ослободува од обврската да ги создадеме. Ние немавме од кого да научиме „како“, но тоа не значи дека нашите деца треба да останат без одговор. Ние научивме на потежок начин. Преку грешки. Преку падови. Преку празнини. Но токму затоа знаеме колку вреди преносот. И затоа, нема да се предадеме. Нема да дозволиме знаењето повторно да стане тишина. Нема да дозволиме „како“ повторно да се изгуби.

Нема да дозволиме нашите деца да почнуваат од нула. Ќе учиме – иако немало кој да нè научи. Ќе пренесуваме – иако немало што да ни се пренесе. Ќе создадеме – иако сме почнале од празнина. Затоа што знаењето не е привилегија.

Тоа е должност. И ако нашите предци мораа да преживеат, ние мораме да продолжиме. Ќе ја обработуваме земјата – не само за да преживееме, туку за да продолжиме. Како што низ неа со векови течела историјата и ја носела тежината на нашите страдања, така и ние ќе ја чуваме и ќе ја обновуваме. Во неа е собрана силата на генерациите, и токму затоа таа останува наша – блиска, жива и достојна за љубов. Зашто никогаш нема да заборавиме – „знае сводот вечен, знае сиот свет – колку света сила во оваа земја се собирала и колку таа, и покрај сè, останува мила, земјо, мајко ти“.

Тони Менкиноски (Нова Македонија)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk