Живко Митрески, поранешниот претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија и актуелниот претседател, кој ја извршуваше функцијата претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија до 2017 година, денеска на прес-конференција соопшти дека Граѓанскиот суд во Скопје донел пресуда со која се потврдува дека бил незаконски сменет и дека сите одлуки што од тогаш до денес се донесени од страна на ССМ се ништовни.
Во пресудата стои дека за ништовна се смета одлуката за избор на претседател на ССМ од 6.12.2017 година донесена на вонредниот конгрес на ССМ и дека ништовни се и сите дејства и донесени акти преземени од сега починатиот Дарко Димовски.
„Кога вие ќе утврдите нишоавност на неговата промена, се враќаме во поранешната состојба. Претседателот доаѓа на својата функција и врши ревизија на сето што е понатаму направено, а тоа по став 2 јасно го кажува судот велејќи дека се утврдува ништовност и на сите дејства и донесени акти по 2017.
Значи, кога нешто се носи како ништавност, тоа е од моментот на неговото донесување – 2017 година. Сè по него, по начелото на акцисорност, отпаѓа. Нормално, по тоа, синдикатот работи, носел одлуки. Затоа ќе се повика Државната ревизија, ќе направи длабинска стручна ревизија да се утврдат недоследности, а сите донесени одлуки од нелегитимно избраните раководства ќе подлежат на верификација на легално избраниот синдикат“, појасни адвокатот Сашко Станинов на прес-конференцијата.
Митрески вели дека следен негов чекор ќе биде да се врати во синдикатот и да изврши консолидација. Тој за актуелниот претседател на ССМ, Слободан Трендафилов, вели дека има тотално непознавање и не знае да води синдикална организација.
„Жалам што во тој момент не направивме приправнички испит да видиме колку знае бидејќи покажа тотално непознавање за водење една ваква историска организација“, рече Митрески. Тој посочува дека пресудата не се однесува лично на Дарко Димовски, туку на функцијата.
Митрески беше претседател на ССМ до 2017 година кога го наследи Дарко Димовски, а по неговата смрт, за нов претседател на ССМ беше избран Слободан Трендафилов, кој сега ја извршува функцијата претседател на ССМ.
За актуелното раководство на ССМ одлуката на Граѓанскиот суд донесена во февруари годинава со која се потврдува дека Живко Митрески во 2017 година е нелегитимно сменет од функцијата претседател на сојузот, е обид да бидат институционално замолчени.
Трендафилов денеска на прес-конференција посочи дека оваа пресуда е втора, иако Апелацискиот суд минатата година ја укинал првичната пресуда со цел да се утврди дали има правен основ за водење на постапка против починато лице.

„Жалосно е што поединци во судството денеска судат на починат човек. Оваа пресуда е втора во низа иако беше укината од страна на Апелацискиот суд минатата година со една намера – да се утврди дали има правен интерес за водење на постапка против поранешен претседател на ССМ, кој денес не е меѓу нас. За жал, повеќе од три години откако тој не е со нас, тие водат постапки обидувајќи се да докажат дека тој не е повеќе претседател на ССМ. Сметаме дека жалбата којашто е поднесена во текот на вчерашниот ден повторно ќе биде прифатена од страна на Апелацикиот суд кој уште еднаш ќе утврди дека Основниот суд не постапил по неговите напаствија. Тоа што е клучно е дека согласно меѓународните конвенции на МОТ, синдикатите имаат целосна слобода да ги креираат статутите, актите и документи и да вршат избор на луѓето кои ќе бидат нивни претставници“, истакна Трендафилов.
Трендафилов важи за човек кој е близок соработник на СДСМ, Зоран Заев и Венко Филипче и неговите изјави се постојано во координација со ставовивите на СДСМ а на нпоследните синдикални собири членови на СДСМ “синдилкано“ протестираа носејќи партиски обележја.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата