Во Основниот суд во Струга продолжи рочиштето против градоначалникот на Струга, Рамис Мерко, поради обвиненија за незаконско именување на директори во четири основни училишта. На последното рочиште беше завршена доказната постапка, при што Мерко нагласи дека не сторил ништо противзаконски, туку само ги потпишувал актите подготвени од надлежните служби.
Тој појасни дека во случај на некаква неправилност, Министерството за образование би му ги одземало надлежностите, што не се случило. Мерко посочи дека поранешниот министер за образование Јетон Шакири бил запознаен со процесот и дозволил именување на вршители на должност директори и од редовите на лица кои не се вработени во училиштата, доколку меѓу вработените нема заинтересирани кандидати.
Дополнително, Мерко истакна дека директорите кои се именувале немале директни состаноци со него, туку биле назначени од страна на министерот, па затоа тој се прашува зошто е обвинет само тој, а не и надлежниот министер. Против Мерко е во тек уште една постапка поврзана со основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Струга. Освен тоа, неговото име се најде и на американската „црна листа“ поради сомневања за корупција, а неодамна беше ослободен од обвиненија за набавка на луксузен автомобил.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата