Денеска во седиштето на Српската патријаршија потпретседателот на Владата на РСМ и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ се сретна со српскиот патријарх г. Порфириј и му ја врачи Светосавската повелба – највисокото признание на српскиот народ, по повод празникот Савинден.
Како што напиша на својот Фејсбук-профил Стоилковиќ, повелбата на српскиот патријарх му била врачена по срдечниот разговор, а самиот чин всушност претставува израз на исклучително почитување и длабока благодарност до патријархот Порфириј за сè што прави за доброто на српскиот православен народ, а особено кон Србите во Македонија.
- Црковното единство и соборноста, како заедничка стремеж, на најдобар начин се посведочени и потврдени во меѓусебната љубов, почит и братски однос меѓу Српската Православна црква и Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, а Светосавието останува сигурен патоказ и духовен ориентир во современите предизвици, напиша Стоилковиќ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата