За опоравување на некои пациенти од несреќата во Кочани сигурно ќе бидат потребни неколку недели, меѓутоа ќе имаме и такви пациенти на кои ќе им биде потребна рехабилитација повеќе месеци, рече министерот Арбен Таравари во гостување во вечерашното хуманитарно отворено студио на телевизијата Канал 5 за донирање на настраданите во Кочани
Подготвени сме за секој детал, рече тој, појаснувајќи дека државата ќе се погрижи не само во лекувањето на физичкото здравје, туку и на естетскиот изглед со оглед на тоа што се работи за млади лица.
– Подготвени сме за секој детал, бидејќи не се работи само за физичко здравје, туку и за естетски изглед, бидејќи се работи за млади лица со старосна граница од 15 до 35-40 години. Да се погрижиме за секоја ситница, целта ни е овие деца да продолжат да живеат нормално и да не бидат стигматизирани во општеството поради нивниот изглед, бидејќи изгорениците остануваат со одредени последици, генерално повредите се во рацете и лицата на овие деца, рече Таравари во гостување во вечерашното хуманитарно отворено студио на телевизијата Канал 5 за донирање на настраданите во Кочани.
Појасни дека се работи за 190 повредени, од кои дел се веќе дома, 15 се лекуваат во Скопје, додека 99 пациенти се лекуваат надвор од државата.
– После десет дена среќен сум што немаме ниту еден починат од тие што ја преживеаја несреќата во Кочани. Се работи за 190 пациенти, дел од нив се веќе дома, 15 се лекуваат во Скопје, додека 99 се лекуваат надвор од државата. Полека ги враќаме пациентите и се надевам дека бројките ќе бидат помали во наредниот период. Ние треба континуирано да сме обединети, жалам што треба да се случат вакви трагедии за да сите ние сфатиме дека силата е во единството и дека очајно ни треба како нација и држава, без разлика на нашите етнички и верски разлики. Мислам дека Македонија е обединета, но, за жал беше обединета во тага и болка. Би сакал еден ден сите ние да се обединиме за нешто убаво, што ќе значи живот, радост и иднина, рече Таравари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата