logo
logo
logo

ИЈЗ предупредува: Регистриран случај на западнонилска треска

Vecer | 22.05.2026

ИЈЗ предупредува: Регистриран случај на западнонилска треска

Во Македонија е потврден првиот случај на западнонилска треска оваа година, а здравствените власти предупредуваат дека со порастот на температурите и зголемената активност на комарците можно е да се појават и нови случаи во наредниот период.

Од Институт за јавно здравје информираа дека станува збор за 55-годишен жител на Велес, кај кого болеста започнала со висока температура, осип, силна малаксаност и нарушена свест. Поради влошување на состојбата, пациентот бил хоспитализиран на Клиника за инфективни болести, каде што со лабораториски анализи бил потврден вирусот „West Nile“.

„Пациентот во моментов е во подобрена состојба и се наоѓа под постојан медицински надзор“, соопштија од ИЈЗ.

Епидемиолошките анализи покажале дека лицето не патувало надвор од државата и немало контакт со други лица со слични симптоми.

Западнонилската треска е вирусна болест што најчесто се пренесува преку убод од заразен комарец, особено од видовите „Culex“ и „Aedes“. Вирусот природно циркулира меѓу комарците и дивите птици, а луѓето не ја пренесуваат болеста понатаму.

Од Институтот предупредуваат дека кај најголем дел од заразените нема симптоми, но кај дел од пациентите може да се појават температура, главоболка, осип, болки во мускулите и силен замор.

„Во ретки случаи болеста може да предизвика сериозни компликации како воспаление на мозокот, воспаление на мозочните обвивки или парализа“, посочуваат од ИЈЗ.

Здравствените власти нагласуваат дека за ова заболување нема специфичен лек ниту вакцина, па затоа превенцијата е најважна.

„Ризикот за населението во моментов се оценува како среден, но може значително да се намали доколку граѓаните ги почитуваат препораките за заштита од комарци“, велат од Институтот.

Меѓу препораките се користење репеленти, носење облека со долги ракави и ногавици, поставување заштитни мрежи на прозорците и избегнување престој на отворено во зори и навечер, кога комарците се најактивни.

Посебен апел е упатен до родителите за заштита на децата, со препорака редовно да се отстранува застоена вода од дворовите, саксиите, старите гуми и другите места каде што комарците можат да се размножуваат.

Од ИЈЗ апелираат граѓаните веднаш да побараат лекарска помош доколку по убод од комарец почувствуваат висока температура, главоболка, осип или невролошки симптоми.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk