logo
logo
logo

Златното теле бриселско и Македонецот што блее во него

Vecer | 19.06.2026

Златното теле бриселско и Македонецот што блее во него

Ова е библиска приказна. Приближно точна, но сепак многу поучна. Да потсетам, Мојсеј цели 40 години ги водеше Хебреите од Египет, каде што биле во ропство, до ветената земја. Проучувачи на Библијата тврдат дека е тоа намера на Господ. Има оправданост во таквите толкувања

Повторно малку историја или мал час по историја. Зошто да не, кога и онака за нашата судбина (некогаш УДБА, сега ЕУ) сѐ е поврзано со историјата. И тоа онаа добро спакувана како фалсификат.

Ќе се потсетиме на една многу важна библиска приказна како доказ дека ништо овде со нас не е случајно, туку има длабоки корени, нешто што се влече со години што се мерат во милениуми. Јака работа! За земјата Канаанска и за земјата Китимска (Израел и Македонија). Читајте Библија и гледајте во стари карти и мапи, ниту Палестина ќе ја најдете, ама па уште помалку Грција или, пак, Бугарија. Тие ќе искрснат подоцна низ вековите и ќе им даваат на значење.

Во ред. Ама не е во ред. Денес и Библијата се фалсификува, па Македонската Империја (Китимот) се објаснува, во заграда, дека е тоа „грчка империја“. А грчка империја никогаш не постоела, такви записи нема. Денес, како и вчера и завчера, и христијанството се дрзнува повремено да се надмине во лагите, па на пример Макавејските востанија да ги фалсификува и таму нашиот Александар Македонецот да го грцизира. Богохулие. Викам, богохулие!!! Затоа што Александар и Македонците не им го урнаа еврејскиот храм. Напротив, им дадоа слобода загарантирана со закон.

Ако сакате да знаете кој им ги испогани нивните храмови, тогаш копајте малку по историјата на Атињаните и ќе го најдете одговорот. Дали се токму тие? Да немате дилеми, но сепак копајте, читајте разни извори, не потпирајте се на приказни на „Би-би-си“ за историјата, кои најчесто почнуваат со: „најверојатно…“.

Пред да се случи тој цивилизациски скок, закон пред времето барем две илјади години, Хебреите испишуваат своја важна, длабока и мачна историја – излегувањето од Египет (М’сир), ослободувањето од ропските стеги на една од најмоќните и најнапредни држави не само во тоа време.

Хебреите биле во египетско ропство околу 400 години (Македонците околу пет века под отоманска окупација). Од Господ е одредено токму Мојсеј да ги поведе своите сонародници кон ветената земја. Тој излез ќе трае цели 40 години и на долгиот пат на околу два милиони луѓе ќе се случат два фасцинантни настани (секако ги има повеќе). Првиот е кога Мојсеј на Синајската Гора (планината Хореб, што асоцира на нашиот Кораб) ќе ги прими Божјите заповеди, кои се неколку стотини, но главни се десет, кои се строг закон или договор со Господ.

Библијата не го тврди тоа, но модерната историја знае дека Македонците, без свој Мојсеј, 20 години лутаат кон ветената земја наречена Брисел. Дали ни остануваат уште 20? Ако е тоа така, прашањето е што треба да направиме вака залетани по златното теле што ни го чуваат во некоја бриселска витрина, за да го најдеме патот од кој скршнавме. Да, да, не чудете се, тоа е патот кон Македонија, кон нашата Македонија и кон изгубениот архетип на Македонецот

Евреите се враќаат на својата вера, но и на својот јазик, кој бил заборавен во ропството, својот еден Господ, на своите песни, фолклор.

Арно ама Господ ја наместил целата работа за тој двомилионски народ да лута по пустини и беспаќа цели 40 години за да се прочисти низ страданија, за една генерација растена во ропство и во ропски менталитет да исчезне и да дојде друга, која поинаку ќе размислува. Не било лесно, зашто додека Мојсеј се среќава со Господ, на Хореб останува 40 дена и 40 ноќи, неговите сонародници веќе почнале да губат надеж и верба во Господ, па побарале лично да го видат Господ.

Па така, Арон им наредува да симнат од себе сѐ што е златно и потоа од тоа злато прават златно теле. Еве ви господ, еве ви и олтар и клањајте се. Мојсеј потоа се враќа и ги покажува сета своја сила и моќ. Ги прекинува гозбите и баханалиите на народот и одредува многу казни. Така морало да биде, за конечно да стигнат до својата цел.

Ова е една од најмоќните историски приказни за тоа до каде може да потоне една нација во неморал, без чуство за себеси, за своите вредности, за својот корен. Доказ дека една генерација може да ги изгуби врските со своите претходници. Да заборави на својата историја. Повторно овој збор – историја.

Заборави ли нашата генерација на своите корени? Ние сме на половина пат од оваа библиска приказна, веќе 20 години се движиме кон некоја цел, некој топоним Брисел. Седиште на Европската Унија и на НАТО. И повеќе од 20 години викаат нашиве политичари дека тоа е наша стратегиска цел. Според библискиот календар, а тој е непогрешлив, нам ни остануваат уште цели 20 години за да стасаме до тој Брисел, кој за тие две децении којзнае во што ќе се претвори. Да потсетам – Евреите за време на ропството почнале да го забораваат јазикот, па дури и светата книга не можеле да ја читаат на својот јазик, па користеле арамејски.

Уште 20 години до Брисел?! И многу и малку. Според мене, тамам за да се вратиме на своето, да се вратиме на нашиот архетип, кој денес е тотално или исчезнат или извитоперен.

Денес Македонецот блее во бриселското златно теле, а на олтарот е неговото сопствено тело. Жив мртовец, без некоја важност за околината.

Денес Македонецот е доведен до степен на непрепознатливост. Кој е архетипот на Македонецот? Вреден, чесен, храбар но тивок, вистински верник, извонреден војник и воен стратег, лојален, гостопримлив, верен, кому семејството му е сѐ. Што остана денес од овие наши вредности? Срам ми е да кажам. Денес нас, ете, и во тој помочан Брисел, нѐ сметаат за корумпирани, полуписмени, без јасен идентитет, со политичари што се спремни да дадат сѐ, буквално сѐ, за да останат на власт и да лапаат провизии. До кога? Ни остануваат библиски 20 години за да не биде или да не одбиде.

Првата работа што треба да се направи, како домашна задача, е воведување политичка екологија, што значи прочистување на корумпираниот политички воздух во секоја смисла. Корупција не е само нелегално стекнување богатство (колекција на златни телиња), туку има пошироко и подлабоко значење со тешки, навистина тешки последици. Одговорот кај народот на тој коруптивен менталитет е теревенки, баханалии, создавање изгубени генерации, младеж оставена да лута. Без таква екологија залудно е да повикуваме на национален консензус. Тоа е невозможно. А, го почитуваме ли и договорот со Господ?

Нашето златно теле, изложено во некоја бриселска витрина, е веќе направено од нашите оставини, тоа е совршено стопено од европските мајстори на политичките манипулации, така што денес шетаме голи и незаштитени.

За европските партии од лево до десно постои само една и единствена историска матрица, која тие ја повторуваат како мантра на некоја тајна верска организација – дека Европа се потпира на својот грчко-римски столб. Тоа е нивното поимање, разбирање и сфаќање на европската историја. Затоа старата нивна идеја е и последниот жив Македонец што прета и се повикува на своето наследство од духовно до материјално, па и на своите нивчиња, да биде елиминиран со декрети и договори што немаат апсолутно никаква правна логика. Ако е ова така, а е факт, тогаш за каков тоа ние европски идентитет овде во Македонија зборуваме, кога нашиот идентитет ни е или украден или избришан.

Па, тие во Брисел се толку посветени на своето голтање жаби, што можат да проголтаат и бугарска вистина дека тие ни ги измислиле и јазикот и писмото.

Правеле Македонци во некоја фабрика во Пловдив?! Некој можеби ќе се смее, но нам не ни е до смеење. Зашто, како и секаде во светот, тој што бил избраник за пратеник (ете тука Нушиќ е генијален) првин мисли за својот хонорар, плата и за стомачето што расте и расте, па после на некојси идентитетски спор меѓу Македонците и Бугарите.

Времето ни вика дека мораме да се вратиме на македонските работи, на македонскиот архетип, на патот кон нашиот излез, на македонскиот пат, макар бил и најдолгиот. За нас е готово, ние сега не сме важните, тоа е обврска за оние што доаѓаат. Потсетувам! Само 20 години талкаме кон ветената ни ЕУ, а погледнете колку изгубивме од нас, од себе.

Ако се жалите и патите што и годинава немало кој да ви честита Нова година, роденден или не ви дошол на слава, не очајувајте, не сте сами, ама знам – тоа не е никаква утеха…

И на сон на Мојсеј му се јави Македонец. И му рече: „Дојди во Македонија. Дојди да нѐ избавиш. Однеси нѐ во нашата вистинска Македонија“.

Христо Ивановски (Нова Македонија)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk