Дали власта сокри во извештајот кој го достави до УНЕСКО дека хотелот во Лагадин не е урнат? Во извештајот за состојбата на природното и културно наследство на Охридскиот регион кој Министерството за култура го достави до УНЕСКО, никаде не се спомнува познатата дивоградба на охридското крајбрежје – хотелот на плажата во Лагадин, иако во една од препораките на последната мониторинг мисија од 2020 година на УНЕСКО која беше означена како итна, се вели дека треба да се забрзаат административните постапки за да се постигне уривање на недовршениот хотел, објави А1он.
Од Министерството за култура го оправдаа пропустот со одговор дека надлежните институции не им доставиле податоци за тековните активности околу хотелот во Лагадин.
„Во периодот на доставување на Извештајот немаше официјални податоци за активности околу хотелот во Лагадин, ниту надлежните институции го нотираа во своите дописи за напредокот во спроведување на препораките“, гласи одговорот за „А1он“ од министерството за култура.
Иако постапката за уривањето на хотелот трае веќе шест години, колку што помина од првата реактивна мисија на УНЕСКО во Охрид, овој одговор покажува колку институциите се неодговорни, безидејни и некооперативни во спроведувањето на некои од најважните препораки на УНЕСКО.
Хотелот во Лагадин ги раскара министерството за култура и министерството за транспорт и врски од една страна и Општина Охрид од друга.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков на последната прес-конференција рече дека Општината повеќе нема како да постапи за овој предмет, односно дека со последната мериторна одлука на второстепената Комисија и се одзема единствената можност на општина Охрид да ја спречи изградбата на хотелот.
Од Транспорт велат дека судот го задолжил министерството да постапи мериторно и со тоа дал можност Општината повторно да ја разгледа документацијата и доколку има друг основ да го огласи за ништовно одобрението за градење.
Постојат и други основи за рушење на дивоградбите, институциите молчат
Дека постои можност да се поништи одобрението по друга основа се согласуваат и од невладината организација СОС Охрид која детално следи како се имплементираат одлуките на институциите при спроведување на препораките на УНЕСКО.
Министерката за култура во УНЕСКО се фали со одлука од Општина Охрид која претходно бара да ја поништи.
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на една од своите прес-конференции информираше дека Националната комисија за УНЕСКО која ја предводи таа, препорачува Општина Охрид да ја поништи Одлуката за начин на спроведување на постојните урбанистички планови и плански документации и донесување нови планови, како и за начинот на водење на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти и да донесе нова Одлука која ќе биде во согласност со Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.
Но, одлуката донесена од Советот на Општина Охрид која сега бара да се поништи, таа ја доставила како анекс на Извештајот до УНЕСКО како пример за напредок во исполнувањето на препораките.
„Во Одлуката покрај критикуваните исклучоци согласно Планот за управување има и член кој наведува дека општина Охрид не поведува постапки за легализација на бесправно изградени објекти во крајбрежниот појас и делот на Студенчишко блатошто е во насока на зачувување на наследството. Мораториумот треба да биде сфатен како запирање на урбанистичкиот хаос во зоните каде прекумерниот урбанизам негативно ќе влијае на исклучителната универзална вредност“, стои во образложението до „А1он“ од кабинетот на министерката Костадиновска Стојчевска.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата