logo
logo
logo

ДРЖАВЈАНСТВО, ПОТВРДА ЗА СТАЖ, ИМОТЕН ЛИСТ… Граѓаните сè повеќе вадат електронски документи

Vecer | 13.08.2025

ДРЖАВЈАНСТВО, ПОТВРДА ЗА СТАЖ, ИМОТЕН ЛИСТ… Граѓаните сè повеќе вадат електронски документи

Министерството за дигитална трансформација останува посветено да ги доближи електронските услуги до секој граѓанин, особено до оние кои немаат дигитални вештини или пристап до компјутери и интернет, рече денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, кој изврши увид во реконструкцијата и реновирањето на новиот Центар за услуги во Делчево.

– Нашата цел е секој граѓанин да може лесно да пристапи до услугите на порталот на Министерството за дигитална трансформација. Центарот во Делчево ќе биде место каде граѓаните ќе добијат поддршка и знаење како да пристапат до потребните услуги – изјави Андоновски.

Тој нагласи дека отворањето на Центарот се очекува во септември, а граѓаните ќе можат да ги користат сите услуги кои им се потребни на едно место.

Во новиот Центар ќе бидат достапни повеќе од 300 услуги, меѓу кои уверение за државјанство, имотен лист, потврди за стаж од Пензискиот фонд, услуги од Агенцијата за вработување и други електронски услуги од државните институции.

– Во моментов на порталот се достапни 200 услуги, што претставува значителен раст во споредба со претходно. Граѓаните покажуваат голем интерес за дигитализацијата на услугите, што е охрабрувачки за нас – додаде министерот.

Андоновски рече дека интересот за користење на порталот значително се зголемил – од 1.000 корисници месечно на 7.400 корисници месечно, што претставува зголемување за 7 и пол пати. Министерот посочи дека и покрај предизвиците како што се дигиталната писменост, обуката на институциите и нивната подготвеност за дигитализација, соработката со најголемите институции дава значајни резултати.

Покрај Делчево, Министерството планира отворање на центри за услуги и во другите градови, меѓу кои Свети Николе, Крушево и Неготино.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk