logo
logo
logo

ПРЕКУ ЕВРОПСКА ИНТЕГРАЦИЈА најлесно ќе се обезбеди стабилноста на Западен Балкан

Vecer | 24.06.2025

ПРЕКУ ЕВРОПСКА ИНТЕГРАЦИЈА најлесно ќе се обезбеди стабилноста на Западен Балкан

Од Хаг, во изјава за „Канал 5“, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски го коментираше однесувањето на официјална Софија во контекст на евроинтеграциите на државата и нагласи дека дијалогот останува единствениот пат кон стабилизација на Западен Балкан.

„Жалам што актуелната бугарска влада, а и бугарските европратеници, со своето дејствување – она што го гледаме во Брисел – влегуваат во рускиот наратив за дестабилизација на регионот. Стабилноста на Западен Балкан најлесно ќе се обезбеди преку извесна европска интеграција на целиот регион“, истакна Муцунски.

Тој потенцираше дека постапките на Бугарија во последните недели и месеци се дел од наратив чија цел е дестабилизација на Балканот.

„Како можеме да ги надминеме предизвиците и да работиме за стабилизација на Западен Балкан? Секако – преку дијалог“, додаде Муцунски и изрази жалење што, според последните информации, средба на маргините на НАТО-самитот во Хаг веројатно нема да се одржи.

„Јавно порачувам: Владата е подготвена за средби на секое ниво – претседател со претседател, премиер со премиер, министер со министер. Така и ќе продолжиме да се однесуваме“, нагласи министерот.

Муцунски говореше и за очекувањата од самитот во Хаг, каде што фокусот ќе биде на случувањата помеѓу Русија и Украина, безбедносната состојба на Блискиот Исток и другите глобални безбедносни предизвици.

„За да имате сериозни инвестиции во одвраќањето, вие морате да инвестирате прво во модернизација на армијата, во модернизација на различни капацитети – и инфраструктурни и во делот на сајберот – но исто така и во соодветна инвестиција во индустријализацијата. Тоа значи инвестирање во нови, домашни, наши македонски капацитети за производство. И во таа насока токму овие одлуки ќе ги поддржиме на овој самит и очекуваме консензус да се постигне веќе утре тука во Хаг“, заклучи Муцунски во изјавата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk