ЈП „Лајка“ бара напуштањето миленик да стане кривично дело, откако при едно неодамнешно заловување во Скопје биле фатени шест кучиња, од кои дури пет имале сопственици. Станувало збор за заловување по женка во циклус, а сопствениците подоцна дошле да ги подигнат своите кучиња од стационарот.
Од претпријатието оценуваат дека овој податок е алармантен и укажува на клучен аспект од кој извира проблемот со бездомните кучиња – неодговорното сопствеништво.
„Овој пример не значи дека тоа е единствениот извор на проблемот, туку претставува јасен доказ ‘во мало’, видлив во пракса. Неодговорното сопствеништво, заедно со појави како дислокација на кучиња и континуиран прилив на животни од различни страни, суштински ја нарушуваат програмата и создаваат состојба во која станува речиси невозможно ефикасно да се контролира и сузбие“, реагираат од Лајка.
Според нив, наместо постепено намалување на бројот на бездомни кучиња, овие фактори постојано го обновуваат проблемот и ги поништуваат напорите на институциите и службите на терен. Додека претпријатието троши ресурси за заловување, стерилизација и згрижување, паралелно се создава нова генерација кучиња што повторно ќе завршат на улица – слободно пуштени, репродуктивно способни и оставени без надзор.
Од Лајка посочуваат и на зачестената појава на дислокација на кучиња во последните четири и пол месеци – префрлање животни од една општина во друга, што го оценуваат како „организирано префрлање на проблемот наместо негово решавање“. Според нив, ваквите дејствија дополнително ја продлабочуваат кризата и упатуваат на сериозен проблем со организирано исфрлање животни на туѓа територија, со фокус на Скопје.
Фактот дека пет од шест заловени кучиња имаат сопственик, велат од претпријатието, е директен доказ дека без строга законска регулација проблемот не може да се реши. Потребни се сериозни, неизбежни и доследно применувани казни за неконтролиран расплод, за пуштање кучиња без надзор и за напуштање животни.
„Повеќе од сè, предлагаме и бараме напуштањето миленик да стане кривично дело“, порачуваат од Лајка.
Како пример посочуваат дека во повеќе европски држави, како Хрватска, Франција и Португалија, напуштањето животно се третира како кривично дело, со можност за високи парични казни и затворска санкција. Со тоа, како што велат, државата испраќа јасна порака дека оставањето миленик на улица не е „лична одлука“, туку општествено штетно и казниво дејствие, со директни последици врз јавната безбедност, буџетите на општините и благосостојбата на животните.
Иницијативата за криминализација на напуштањето миленик, вклучително и оставање мали кучиња, електронски е доставена до Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Владата и Агенцијата за храна и ветеринарство. Од претпријатието очекуваат институционален одговор и конкретни законски измени, како и побрза измена на Законот за заштита и благосостојба на животните, кој е во процедура.
„Животните не се виновни што се на улица. Не е решение да се убиваат животните. Решението е да се спречи создавањето нови напуштени животни – а тоа може да се постигне само ако одговорноста стане реална, лична и најстрого санкционирана“, порачуваат од Лајка, додавајќи дека системско решение е можно само доколку системот се промени и законот ја спречи неодговорноста пред да се појави.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата