logo
logo
logo

„Адитив“ ќе се суди во две одвоени постапки

ОДДЕЛНО ЌЕ Ѝ СЕ СУДИ НА ЕКС ШЕФИЦАТА НА ДКСК ДИМИТРОВСКА

Vecer | 02.09.2025

ОДДЕЛНО ЌЕ Ѝ СЕ СУДИ НА ЕКС ШЕФИЦАТА НА ДКСК ДИМИТРОВСКА

На поранешната претседателка на Антикорупциската комисија Татјана Димитровска ќе ѝ се суди во одделна судска постапка од останатите над 30 обвинети во случајот „Адитив“.

Судечкиот совет во Кривичниот суд денеска го одби предлогот на Обвинителството за спојување на постапките во случајот „Адитив“, кој се однесува на злоупотреби во државната компанија ЕСМ и фиктивни тендери вредни милиони евра. Според судот, спојувањето би довело до непотребно одолговлекување  на постапката и би ги ставило обвинетите во потешка положба.

Согласно одлуката, судењето за „Адитив“ ќе се води преку две одвоени постапки.

Првиот предмет опфаќа над 30 физички и правни лица, меѓу кои и поранешни директори и функционери, обвинети за злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба, перење пари и оддавање службена тајна.

Вториот предмет во кој е и поранешната антикорупционерка Татјана Димитровска, е оформен како продолжение на истрагата, со обвинителен акт против едно лице (Б.Н.) и обвинителен предлог против Димитриевска и уште двајца (Б.П.М. и М.С.) за кривичното дело оддавање службена тајна.

Одлучувајќи по денешниот предлог на Обвинителството за спојување на постапките, Судот оцени дека предметите се различно оформени, со различен број обвинети и степен на подготвеност, што не дозволува нивно спојување, без да се наруши економичноста и правата на обвинетите.

– Не постојат услови за спојување на постапката, токму поради тоа обвинетите за кои е поднесен обвинителен предлог да не бидат изложени на долготрајно судење – рече судијката Лидија Петровска.

Обвинителството, пак, го бранеше предлогот за спојување со аргумент дека постои меѓусебна врска меѓу кривичните дела и заеднички докази, но, Судот остана на ставот дека раздвоените постапки се поцелисходни.

Судењето за предметот „Адитив“ продолжува на 15 септември, а за вториот предмет датумот ќе биде дополнително утврден.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk