Директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов со стручна делегација од фондот учествува на 16-та средба на директорите на фондовите и заводите на пензиското и инвалидското осигурување од државите на просторот на поранешна Југославија и на Република Австрија, што се одржува во Марибор, Република Словенија.
На средбата годинава главни теми на конференцијата се активностите за спречување на грешки, измами и злоупотреби на системите во Фондовите и заводите за пензиско и инвалидско осигурување, како и употребата на вештачката интелигенција во дигиталната трансформација на овие институции.
На средбата беа презентирани измените на законите за ПИО во изминатата година, при што директорот на Фондот на ПИОМ, Мемов, рече дека измените што се презентираат генерално се однесуваат во делот на остварувањето на правата за пензиско и инвалидско осигурување.
„Потребно е да се размислува во насока законските измени да содржат решенија кои ќе придонесат за финансиска стабилизација на пензиските фондови.
Законските решенија треба да содржат инструменти кои ќе ги стимулираат работодавачите да плаќаат повеќе придонеси, со што ќе се придонесе за зголемување на пензиите на идните пензионери, а сегашни работници.
Потребна е промена на методологијата на пресметка на пензии заради обезбедување фер износи на пензиите.
Во делот на задолжителниот Втор столб за пензиско осигурување, потребно е законите да овозможат поефикасни и нерестиктивни начини за инвестирање на средствата и нивно поголемо оплодување кое ќе биде во полза на осигурениците, се разбира преку соодветна контрола и ревизија од МАПАС.

Ова се само дел од предлозите за подобрување на финансиската ситуација и се неопходни затоа што кај сите постои проблем со финансирањето, а трансферите на средства од државата се неопходност за нормално функционирање на овие институции.
Од исклучителна важност е законските решенија да обезбедат одржливост на пензиските системи и независност од државниот буџет“, рече Мемов.
Директорката на Секторот за остварување на права, Билјана Стојанова ги презентираше измените на Законот за ПИО во изминатата година. Таа информира и за новиот Закон за работно ангажирање.
Во рамките на средбата беше потпишан Договор за редовна размена на давања и податоци за смртност помеѓу Фондот на ПИОМ и институциите за задолжително австриско пензиско осигурување од Република Австрија - Институцијата за пензиско осигурување (PVA), Службата за социјално осигурување на претприемачи (SVS) и Институцијата за осигурување на вработени во јавни служби, железници и рударска индустрија (BVAEB).
Договорот го потпишаа директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов и д-р Винфред Пингера во името на австриските институции.
„Сакам да нагласам дека овој Договор е значаен напредок во нашата соработка и ќе овозможи поефикасна и побрза размена на податоци кои се од голема важност и директно ќе придонесе да се забрза процесот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување за граѓаните на Македонија и на Австрија.
Исто така Договорот го регулира обемот и начинот на размена на податоците, како и нивната безбедност и заштита, што се од исклучителна важност за нашата работа, како и за довербата во пензискиот систем“, рече директорот на Фондот Мемов.
Директорот, д-р Пингера истакна дека потпишувањето на Договорот е за некого. можеби мал чекор, но за осигурениците и корисниците на услугите е многу важен, затоа што ќе го олесни остварувањето на нивните права.
„Ова е важен чекор и се надевам не последен. Нашата соработка ни покажа дека можеме да работиме заедно, да си веруваме и да ја интензивираме идната соработка. Сакам да ви заблагодарам на вашата помош и придонес во потпишувањето на овој Договор, затоа што е многу важен, иако можеби не се опфатени многу луѓе, но за нив лично тој е и те како важен.“, рече директорот Пингера.
Со потпишувањето на овој Договор ќе се се зголеми ефикасноста, прецизноста и квалитетот на услугите на осигурениците и ќе помогне да се исклучат сите можни грешки.
Договорот, како што беше речено ќе придонесе и во зајакнувањето на натамошната соработка помеѓу институции Фондот на ПИОМ и институциите од Австрија, што е во најдобар интерес на граѓаните на двете држави.
Фондот на ПИОМ има потпишано договори за електронска размена на податоци со сите држави што произлегоа од поранешна Југославија и со овој Договор со Република Австрија го заокружи процесот на соработка со земјите од регионот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата