logo
logo
logo

„ДРЖАВАТА ВЕЌЕ НЕ Е БАНКОМАТ ЗА МОЌНИЦИ, ТУКУ МОТОР НА РАЗВОЈОТ“ Пуштен нов пат во Пелагонија вреден 45 милиони евра - заради кој се поместуваа планини

Vecer | 30.06.2025

„ДРЖАВАТА ВЕЌЕ НЕ Е БАНКОМАТ ЗА МОЌНИЦИ, ТУКУ МОТОР НА РАЗВОЈОТ“ Пуштен нов пат во Пелагонија вреден 45 милиони евра - заради кој се поместуваа планини

Пуштена е во употреба делницата Фариш – Дреново од експресниот пат А1, дел од коридорот 10д, се скратува времето за патување. Од денеска, отворена е за сообраќај и оваа делница.

Проектот е со вкупна вредност од 44,74 милиони евра и е финансиран со заем од ЕБОР (Европска банка за обнова и развој).

На пуштањето денеска присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт и врски Александар Николоски и директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски.

На настанот беше кажано дека се успеа да се заврши и пушти во употреба, по неполни 6 месеци откако на почетокот на годинава, беше пуштена првата делница Градско-Дреново. Всушност, се довршија градежните работи за изградбата на делницата Фариш-Дреново од експресниот пат А1 и се доби целина од 26 километри експресен пат во Коридорот 10д со кој се скратува на времето на патување од Градско кон Прилеп, Битола, Ресен и понатаму.

-Го пуштаме во употреба експресниот пат Фариш – Дреново, во должина од 10,2 километри, со вредност од речиси 45 милиони евра – проект што е директна инвестиција во развојот, безбедноста и иднината на овој регион, на државата, на секој граѓанин. Овој пат е од витално значење и за Кавадарци, Прилеп, Битола и за Ресен. Овие пари, не завршија, како во минатото, во нечии џебови, не исчезнаа во провизии, тендери, фиктивни договори. Туку се тука, пред вас. Во асфалтот. Во оваа делница. Во реални, опипливи дела – истакна премиерот.

-Дојде време, рече тој, кога државата не е банкомат за моќници, туку мотор на развојот.

Дојде време кога проектите не се рекламираат на хартија, туку се градат на терен. Дојде време кога парите од граѓаните – се враќаат назад кај граѓаните, преку проекти, патишта, училишта, фабрики. Македонија се гради – чекор по чекор, делница по делница, проект по проект. Со чесна работа, домаќинска политика и партнерства како ова со ЕБОР – ја менуваме државата од темел – нагласи тој.

Притоа подвлече дека овој пат, Фариш – Дреново, не е само пат – тој е порака.

-Порака дека можеме поинаку. Порака дека ако се сака – се може. И доказ дека Македонија не е осудена на застој, туку е на патот на напредокот. Граѓаните имаат очекувања. И ние нема да ги изневериме. Кога велиме „Ги градиме темелите на промените“, тоа не се празни зборови. Тоа се патишта како овој. Тоа се училиштата кои ги обновуваме. Болниците што ги реконструираме. Тоа е новата економија, новата индустрија, новите работни места што ги отвораме. И тоа е новото време – време на одговорност, време на изградба. Доаѓа времето на Македонија. Време на чесна власт, јасна визија и видливи резултати – посочи премиерот.

Тој посака среќа за сите, делницата да им служи на сите, долги години.

Вицепремиерот и министер за транспорт Аелксандар Николоски потенцираше дека токму за оваа делница е поместена планина со цел граѓаните да добијат безбеден пат.

-Сакам да честитам на сите оние кои што беа вклучени во реализацијата на можеби втората најтешка делница од сите оние кои што ги работиме во моментов. Гледано како подвиг, после автопатот Кичево-Охрид ова е дефинитивно најсложениот подвиг кој што беше за решавање. Буквално планина се премести за да се изгради овој пат и да биде безбеден што е многу значајно, појасни Николоски.

Николоски појасни дека пуштањето на патот беше одложено неколку месеци за да бидат отстранети сите пречки и граѓаните безбедно да патуваат.

-Решивме отварањето да биде преместено неколку месеци со цел да имаме максимално безбеден пат по кој што граѓаните ќе се обраќат, но исто така да ги отклониме сите пречки кои што стоеја на реализацијата на овој пат, додаде Николоски.

-Навистина е големо задоволство што ова лето граѓаните од тиквешкиот регион, од Прилеп, од Битола, од Ресен, од Могила, од Новаци, од Кривогаштани и оние кој што сакаат полесно да патуваат до Охрид и таму да поминат дел од одморот ќе можат да го користат овој експресен пат, рече Николоски.

Директорот на ЈПДП Коце Трајановски посочи дека минатата власт ги пробила сите можни рокови за изградба на оваа делница.

- Со пуштањето на експресниот пат Градско-Дреново во должина од 26 км го скратуваме времето на патување кон Прилеп, Битола, Ресен и денес чувствувам огромна радост и задоволство затоа што со заедно со премиерот Христијан Мицкоски, министерот Александар Николоски и во присуство на бројни гости, пратеници, градоначалници, ја пуштивме во употреба делницата Фариш-Дреново, во должина од 10,2 км.

Вложивме натчовечки напори да ги совладаме препреките на кои наидовме затоа што проектот беше закочен. Овој експресен пат започна да се гради далечната 2016 година и наместо да се заврши во предвидениот рок, во 2018 договорот со иведувачот Рубау бил раскинат, па потоа повторно започнат да се гради во 2021 со рок на изведба до 2023, но и тој рок бил одложуван за сега конечно да го завршиме она што некој друг не успеал со години да го заврши!

Инаку, овде на оваа делница од само 10,2 км имаме 1 тунел со две цевки, 21 мост, 11 потпорни ѕида, 1 вијадукт, 7 АБ конструкции, бројни подпатници, цевасти пропусти и 1 кружен тек на постојниот пат со клучка Дреново. Реализирана е изведба на ободни канали, регулација на реката на неколку потези, заштита на косини, поставена е заштитна ограда, хоризонтална и вертикална сигнализација и друга патна опрема, а вкупната вредност на проектот достигна 44,74 милиони евра средства обезбедени со заем од ЕБОР, посочи Трајановски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk