logo
logo
logo

5 СТОЛБА ЗА СТАБИЛЕН ЗДРАВСТВЕН СИСТЕМ: Јас не оперирам срца, мојата работа е да менаџирам систем во кој докторите успешно ќе работат

Vecer | 15.06.2025

5 СТОЛБА ЗА СТАБИЛЕН ЗДРАВСТВЕН СИСТЕМ: Јас не оперирам срца, мојата работа е да менаџирам систем во кој докторите успешно ќе работат

Креирање систем за да може лекарите да ја вршат својата работа, а пациентите да имаат квалитетна услуга, најави новиот министер за здравство Азир Алиу, како и решавање на наталожените проблеми од изминатите години, проблеми што биле оставени, одложувани или вложени секогаш на сметка на пациентите.

Алиу најави стабилен, политички независен здравствен систем.

Тоа ќе се направи преку пет столбови:

1. Стратешко планирање преку национална мапа на здравствени потреби. Прв пат ќе изградиме цела мапа по региони и општини, која ќе покаже каде недостигаат лекари, опрема, кадар или функционални центри. Одлуките за инвестиција ќе се базираат на потребите.

2. Транспарентност и отчетност во здравствените услуги, преку платформа за следење на перформансите на здравствените услуги. Повеќе нема да има бројки што се кријат во фиоки.

3.Професионален развој и зајакнување на човечките ресурси. Обучување на лекарите и медицинските сестри. Јасно раздвојување од здравствените и менаџерските услуги.

4. Одржливо финансирање и превенција. Болниците ќе бидат финансирани според бројот на пациенти и нивната ефикасност. Најави национална програма „Порано подобро – превенцијата започнува со тебе“. Секој граѓанин над 40 години ќе има право на бесплатни прегледи за рано откривање дијабетес, кардиоваскуларни заболувања , хипертензија и други.

5. Дигитализација – која подразбира и поврзување со ЕУ здравствениот систем.

Министерот за здравство Азир Алиу, денеска на прес-конференција рече дека и покрај тоа што не е доктор, негова работа е да менаџира во здравството, и да обезбеди услови и систем со кој на докторите ќе им се овозможи да имаат успешни интервенции.

„Точно е дека јас не оперирам срца, јас сум доктор по инфроматички технологии, но мојата работа е да бидам менаџер, и да обезбедам систем со кој докторите ќе може успешно да оперираат срца“, изјави Алиу.

Тој рече дека ситуацијата на Клиниката за Онкологија е катастрофална.

„Имав можност да ја посетам Клиниката за Онкологија, и за жал можам да кажам дека тоа таму на се личи, само не на клиника во која се лекуваат таков вид на пациенти“, рече Алиу.

Најави дека овие денови ќе бидат во Кочани за реално да ги согледаат проблемите што ги имаат пациентите од пожарот во дискотеката „Пулс“ и нивните семејства, а утре тој ќе има средба со директорката на болницата.

„Кочани ни е во фокусот. Имаме работна група за кризен менаџмент, овие денови ќе бидеме во Кочани“, изјави министерот за здравство Азир Алиу.

„Немаме работни групи за менаџирање со кризни ситуации. За еден месец ќе имаме работни групи за сите несреќи што може да ни се случат, без разлика дали се од човечки фактор или од природни непогоди„ – најави Алиу.

Алиу се сретнал со сите директори на клиниките, а потоа и со директорите на другите клиники, а сите се пожалиле дека немаат кадар. Најави дека во следниот период ќе се бара решение за продолжување на договорите на оние кои реално работат таму. Процес што е подолг, а потоа ќе се вработуваат и други, потребни кадри.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk