logo
logo
logo

ЗАКОНОТ ЗА ПРАВИЧНА ЗАСТАПЕНОСТ ЌЕ ЧЕКА МИСЛЕЊЕ ОД ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА, помина на Влада

Vecer | 24.06.2025

ЗАКОНОТ ЗА ПРАВИЧНА ЗАСТАПЕНОСТ ЌЕ ЧЕКА МИСЛЕЊЕ ОД ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА, помина на Влада

Владата го усвои Предлог законот за соодветна и правична застапеност, информираше денеска премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција по одржаната владина седница.

– Законот има јасна цел, администрацијата да биде вистински сервис за сите граѓани, изградена врз заслуги, знаење, професионалност и интегритет, согласно Уставот и Охридскиот рамковен договор. За разлика од времето кога партиска книшка беше поважна од дипломата и стручноста, ние поставуваме нов стандард, знаење, интегритет и заслуги – рече Мицкоски.

Според него, со законот се отвора ново поглавје на професионализам во јавниот сектор како на државно, така и на локално ниво. Како што појасни Мицкоски, Предлог законот ќе биде доставен до Венецијанската комисија, а потоа ќе влезе во собраниска процедура.

– Имаме обврска после толку години да раскрстиме со минатото градејќи институции кои не ги поддржуваат послушните, туку ги вреднуваат способните. Јавен сектор каде што млад човек со интегритет може да напредува. Овој Предлог закон го доставуваме на разгледување до Венецијанската комисија затоа што сакаме највисоки стандарди и целосна усогласеност со европските вредности. Законот ќе биде доставен до Собранието, откако ќе го добиеме мислењето на Венецијанската комисија – рече Мицкоски.

Претходно, заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење Арбен Фетаи, на новинарско прашање рече дека определбата во рамките на методологијата за правичната застапеност ќе се базира според последните резултати од пописот, но дека Законот не определува дали се работи за резидентно или за нерезидентно население.

– Точно е дека определбата во рамките на методологијата за правичната застапеност ќе се базира според последните резултати од пописот. Во Законот не се определува дали се работи за резидентно или нерезидентно население. Во Законот се определува дека ќе имаме координативно тело на политичко ниво, што ќе се раководи од вицепремиер со ресорните министри и од Агенцијата за администрација, каде ќе се дискутира поконкретно за содржината на методологијата, вклучувајќи и таргети, кои ќе се предложат и ќе се валидираат на политичко ниво, во рамките на координативното тело, кое е дел од извршната власт – рече Фетаи на денешната панел-дискусија по повод една година Влада.

Тој напомена дека категориите резидентното или нерезидентното население се создале преку методологијата за попис на население.

– Последниот попис не фигурира во Законот во врска со овој дел. Има предмет во Устаниот суд и треба да го видиме епилогот од овој предмет. Одговорноста ќе биде во рамките на координативното тело и Агенцијата за администрација – рече Фетаи.

Тој рече дека Предлог законот за правична застапеност нема да биде со европско знаменце и ќе оди на мислење во Венецијанската комисија.

- Од првиот ден на мандатот, Владата што ја предводам е посветена на унапредувањето на добрите меѓуетнички односи како еден од најважните императиви за стабилна, праведна и европска држава. Оваа определба добива уште поголема тежина ако се има предвид хаосот, поделбите, клиентелизмот и масовните злоупотреби што зад себе ги остави минатата влада, посочи премиерот Христијан Мицкоски.

- Тоа е темелот на трајна меѓуетничка доверба и вистинска сплотеност. Законот е гаранција дека етничките заедници ќе бидат соодветно и правично застапени, но истовремено во таков еден процес тој ќе ги штити квалитетите на сите етнички заедници. Овој закон е одличен баланс и поттик за квалитетите и ги штити правата на сите. Им честитам на коалицијата ВЛЕН и на другите претставници на етничките заедници, ова е многу важен закон за македонците, за Албанците, за Турците, за Ромите, за Бошњаците, за Србите, за Власите и за сите, затоа што е закон кој ќе стимулира и ќе дава шанса, истовремено запазувајќи го квалитетот, порача тој.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk