logo
logo
logo

РСБСП со едукативна кампања: Да ги заштитиме децата во сообраќајот

Vecer | 01.09.2025

РСБСП со едукативна кампања: Да ги заштитиме децата во сообраќајот

Безбедното учество во сообраќајот на најмладите е голема одговорност за целото општество, сообраќајната безбедност не е само техничко прашање – тоа е вештина која треба да се учи од најмала возраст, да се практикува и постојано да се потсетува.

Токму затоа и оваа година, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Министерството за внатрешни работи ги започнуваат превентивните активности и предавања во училиштата како дел од кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.

Кога децата ги стекнуваат овие навики уште во основно училиште, се гради довербата и основата од која понатаму растат во одговорни учесници во сообраќајот– не само за себе, туку и за другите.

Во изминатите пет години (2019–2024), според податоци на МВР, 771 лице го загубиле животот во сообраќајни несреќи, а најчеста причина за несреќи со смртни последици и понатаму се брзото возење, непочитување на првенство на минување, возење во спротивна насока, и управување под дејство на алкохол. Овие бројки не се само статистики – тие се предупредување дека без грижа и дисциплина, секој учесник во сообраќајот може да заврши трагично.

Со оглед на овие сознанија, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира до возачите, родителите и децата за зголемена претпазливост и посветеност кон заедничката цел – безбедноста на учесниците, особено најмладите:

Апел до возачите и родителите:

– Пристапувајте со намалена брзина и зголемена претпазливост во зоните на смирен сообраќај (Зона 30 км/час.), особено околу училиштата и образовни институции.

– Почитувајте ја сигнализацијата и пешачките премини, особено во утринските и попладневните часови.

– Никогаш не паркирајте на места што ја попречуваат прегледноста кај пешачките премини.

– Разговарајте со децата за важноста на безбедно движење по улиците и советувајте ги да го поминуваат коловозот само на пешачки премин или надпатник или потпатник, како и да погледнат во двете насоки на сообраќај пред да зачекорат преку пешачкиот премин.

– Научете ги да користат тротоари и да се движат внимателно, особено околу паркирани возила на тротоарите.

„Мини-совети“ до малите пешаци:

– Изберете безбедна патека до училиштето – по тротоар, а не покрај коловоз.

– Преминете ја улицата само на обележан пешачки премин и, кога го има, кога е активно зеленото човече (светло) на семафорот за пешаци.

– Не играјте близу до улицата и паркираните возила.

– Никогаш не поминувајте со трчање преку улицата или помеѓу паркираните автомобили.

– Доколку некое другарче се однесува неодговорно и ненадејно излегува или игра на коловозот укажете му на грешката која ја прави.

– Бидете внимателни во близина на електричните тротинети, велосипеди и мотори, тие може да се движат со голема брзина и постои опасност да Ве повредат при движење.

РСБСП потсетува и апелира: секое непочитување на правилата носи сериозни ризици. Безбедноста не е случајност, туку резултат на дисциплина, грижа и одговорен пристап од страна на сите – возачи, родители, наставници, но пред сѐ децата.

Заеднички, можеме да го направиме патот до училиште безбеден – да ги заштитиме децата во сообраќајот, секој ден, на секое место!

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk