Наши сограѓани заминуваат на работа во странство, а статистиката на Министерството за внатрешни работи(МВР) покажува дека неколку илјади луѓе пријавиле престој надвор од државата, но и живеалиште надвор од границите на Македонија. Заминуваат поединци, но и цели семејства.
Престој надвор од државата до 3 месеци од јули 2024 година до септември 2025 година пријавиле 2.558 луѓе, од кои полнолетни се 1.233, а малолетни се 1.325.
Во истиот период, според статистиката на полицијата, 4.066 граѓани пријавиле живеалиште надвор од државата, од кои 3.118 се полнолетни, а малолетни се 948.
„Согласно член 8 од Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, „Граѓанинот кој има намера да престојува во странство подолго од три месеци должен е непосредно пред заминувањето да го пријави одењето во странство, односно во рок од три дена да го пријави враќањето во живеалиштето во Република Северна Македонија“.
Во случајот од став 1 на овој член граѓанинот е должен да ги пријави и малолетните деца кои патуваат со него. Членот 9, пак предвидува дека при пријавувањето и одјавувањето на живеалиштето, односно престојувалиштето, МВР на лицето му издава потврда ( ова е вториот дел од пријавата која заверена и потпишана му се издава на граѓанинот). Образецот е пропишан со Правилникот за обрасците за пријавување и одјавување на живеалиште и престојувалиште, пријавување на промена на адреса на станот на граѓаните, за евиденција и за образецот на книгата за гости“, стои на интернет страницата на МВР.
Сепак, граѓаните не секогаш се информирани за законските регулативи

„Сум одела во Хрватска на работа, сум останувала 3 или 6 месеци таму, но не сум се одјавувала овде, ниту сум се пријавувала дека ќе бидам во странство. Знам само дека таму штом ќе отидам мора да ме пријават, а не сум информирана ништо повеќе на темата“, вели Македонка која работела во Хрватска за Фактор.
Ако гледаме на ниво на држава, од јули лани до септември годинава, промена на жителство од една во друга општина извршиле 16.746 луѓе, од кои 13.782 се полнолетни, а малолетни се 2.964. Бројките покажуваат дека во летните месеци, јули и август е поголем бројот на луѓе кои направиле промена на жителство.
Инаку, за локалните избори се случува граѓани кои долго живеат во странство да дојдат да гласаат овде и тогаш се актуелизира темата дали нашинците ги одјавуваат живеалиштата. Во Кичево, но и во други општини пристигнаа гласачи од дијаспората.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата