Но, понекогаш не станува збор за тоа дали одреден пријатен не ви се допаѓа, туку за тоа дека односот станува нездрав и штетен. Честопати во таква ситуација за еден родител е тешко да процени дали воопшто треба да реагира. Ваквите пријателства можат да имаат негативно влијание врз емоционалната и социјалната благосостојба на детето, а експертите нудат совети како да го препознаете проблемот и како да постапите, пишува Parents.com.
Што е токсично пријателство?
Емили Зелер, семеен и брачен терапевт, го опишува токсичниот пријател како некој што „постојано се однесува така што го исцрпува вашето дете, манипулира со него и му наштетува емоционално, социјално, па дури и физички“.
Ова вклучува постојана негативност, како што е омаловажување и понижување на вашето дете, исмејување за детето да се чувствува помалку вредно. Исто така, постои контрола и посесивно однесување, како на пример кога другарот диктира со кого може да се дружи детето или претерано се лути ако поминува време со други.
Драматизирањето и манипулацијата исто така се чести, што може да се види преку чувствата на вина, ширењето гласини или некаков вид „тест“ за лојалност. Ваквите пријателства често се еднострани, што значи дека токсичниот пријател само зема и ништо не враќа. Исто така, постои притисок од врсниците што го турка детето кон ризични однесувања, како што се употреба на дроги, бегање од училиште или малтретирање на други деца.
Знаци дека вашето дете е во токсично пријателство
Не е секогаш лесно да се забележи дека детето е во токсично пријателство бидејќи децата честопати немаат зборови да објаснат низ што минуваат, а понекогаш дури и не разбираат целосно што им се случува. „Децата не знаат секогаш да кажат: „Нешто не е во ред со овој другар“, но можете да видите многу од нивното однесување и расположение“, вели Шерил Гроскопф, терапевт од Лос Анџелес, специјализирана за анксиозност, траума и приврзаност.
Според Гроскопф, ако вашето дете почне да се однесува поинаку од вообичаено - станува потивко, понапнато или се повлекува од луѓе на кои порано им верувало - тоа може да биде знак дека нешто не е во ред. Исто така е корисно е да набљудувате како се однесува вашето дете откако ќе помине време со пријател за кој се сомневате дека лошо влијание врз него. „ Дали е исцрпено? Раздразливо? Тажно? Тоа се важни знаци“, вели Гроскопф.
Како да разговарате со вашето дете за проблематичниот пријател
Гроскопф советува да не бидете премногу груби. „Колку и да е примамливо, не скокајте во улогата на строг родител и не почнувајте со критика на пријателот“, вели таа. „Тоа само ќе го турне вашето дете уште повеќе кон него“.
Наместо тоа, таа препорачува да бидете љубопитни и смирени. Таа предлага да поставувате прашања како: „Дали чувствуваш дека можеш да бидеш она што си кога си со него?“ или „Што се случува кога не се согласувате? Смееш ли да кажеш што мислиш?“ Можете и да го прашате вашето дете како се чувствува во негова близина. „Целта не е да го етикетирате неговиот другар, туку да му помогнете на вашето дете да препознае кога нешто не е во ред“, вели Гроскопф.
Ако вашето дете не гледа проблем
Можно е вашето дете, и покрај вашите најдобри напори, едноставно да не гледа колку е нездраво пријателството. Зелер вели дека е подобро да не го етикетирате пријателот како „лош“, туку да поставувате отворени прашања, како на пример: „Како се чувствуваш кога си со таа личност?“ Охрабрете го вашето дете да го препознае моделот, на пример: „Забележав дека често се чувствуваш потиштено откако ќе поминеш време со него. Дали и ти имаш таков впечаток?“.
Преку свој пример покажете како изгледаат здравите односи, што значи почитта, довербата и меѓусебната грижа во пријателството. Наместо да ги замолите веднаш да ја прекинат врската, дајте им простор сами да дојдат до заклучок и помогнете им да постават поздрави граници. Не забранувајте го токсичното „пријателство“ бидејќи тоа обично предизвикува контраефект и го турка детето во одбранбен став.
Кога да побарате стручна помош
Понекогаш, и покрај желбата и трудот, родителите не можат сами му пружат поддршка на своето дете. Тогаш стручната помош може да направи голема разлика. Според Зелер, треба да се побара лиценциран терапевт или училишен психолог ако расположението или однесувањето на детето значително се влошиле или ако во односот има злоставување или користење на опојни средства.
Гроскопф советува да не се чека проблемот да ескалира, туку да се реагира на време. Посетете педијатар или терапевт при првиот знак кога ќе забележите дека таквото пријателство влијае на менталното здравје на вашето дете. „Терапевтот може да му помогне на вашето дете да разбере што се случува во ова пријателство, како да се залага за себе и да постави граници без целосно да се затвори.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата