Сè повеќе млади од „ЗЕТ“ генерацијата престануваат да готват и нарачуваат храна или купуваат готови оброци од супермаркет, покажува истражувањето на компанијата за производство и продажба на готова и здрава храна, Мерчант Гурме (Merchant Gourmet), спроведено на 2.000 лица.
Според податоците, 35 отсто од младите под 28 години навечер нарачуваат достава, додека 29 отсто се одлучуваат за претходно спакувани сендвичи или слични закуски. Шест од десет испитаници велат дека имаат помалку време од било кога за готвење, а 47 отсто признаваат дека за подготовка на оброк имаат помалку од половина час во текот на работната недела.
Ричард Пик, генерален директор на компанијата вели дека младите се обидуваат да изградат кариера и личен живот во период кога времето им е ограничено, па практичноста честопати победува над готвењето. Ова истражување покажува дека времето поминато во готвење за една недела се намалило за 20 отсто во последната декада, а 38 отсто од младите сега избираат полесни рецепти. Повеќе од половина од испитаниците се чувствуваат „заробени“ во подготовка на своите оброци, а 31 отсто наведуваат дека недостатокот на самодоверба во кујната е доволна причина за нарачување на готова храна.
Други пак, 31 отсто се загрижени дека ќе ја фрлат храната ако новиот рецепт не успее, а 22 отсто ги немаат секогаш сите состојки за експериментирање. Сепак, 29 отсто би се осмелиле да зготват нов рецепт доколку е предходно „проверен“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата