Начинот на кој родителите се однесуваат кон своите деца има влијание врз нив и го обликува нивниот однос во иднина. Прекинувањето на односот со родителите не е нешто што едноставно се случува, туку тоа е последица на траума од детството.
Кога возрасните ги прекинуваат односите со своите родители, тоа е обично затоа што родителите не се спремни или способни да ги слушнат и прифатат нивните искуства како реални. „YourTango“ сподели некои од најчестите негативни искуства во детството кои можат да влијаат на односот или прекинот на односот помеѓу децата и родителите.
Емоционално запоставување
Исто како што им е потребна храна и засолниште, на децата им требаат и емоционално достапни родители. Присуството на родителите и нивното изразување на интерес се знаци на љубов, а децата кои се емотивно запоставени често растат верувајќи дека нивните родители всушност не ги сакале.
Последиците од емоционалното запоставување се протегаат многу подалеку од детството, што негативно влијае на тоа како овие деца подоцна влегуваат во односи како возрасни личности. Тие често се чувствуваат отуѓено од своите семејства и огорчено затоа што не го добиле вниманието и љубовта што им биле потребни. Оваа огорченост и недоверба кон нивните родители може да ги поттикне да се дистанцираат од нив за да ја заштитат сопствената емоционална благосостојба.
Условна љубов
Возрасните кои ги прекинуваат односите со своите родители, обично доживеале условна љубов како деца. Чувствувале остра осуда доколку погрешат, т.е. како нивните родители да ја повлекуваат љубовта доколку не ги исполнат нивните очекувања, пишува Your Tango.
Семејниот психотерапевт Сиду Аројо-Бултер објаснува дека „условната љубов станува условно самоприфаќање“. Додека условната љубов е поврзана со достигнувањата на детето и способноста да им угоди на родителите, безусловната љубов значи дека детето е сакано и прифатено токму како што е.
Една од најштетните лекции што децата можат да ги научат од условната љубов е верувањето дека се сакани само ако ги исполнуваат туѓите очекувања. Како возрасни, таквите поединци често се сомневаат во сопствената вредност и постојано се усогласуваат со очекувањата на другите, барајќи потврда дека навистина се достојни за љубов.
Прекршување на приватноста
Взаемната почит и доверба се основа на секоја врска, вклучувајќи ја и онаа помеѓу родителите и децата. Некои родители веруваат дека нивната родителска улога вклучува целосна контрола врз животот на нивното дете, па затоа ги читаат нивните дневници, пребаруваат низ нивните фиоки, прислушуваат разговори и влегуваат во нивната соба без да тропнат.
Децата не се обврзани да толерираат непочитување, но поради нивната зависност од родителите често немаат друг избор. Возрасните кои имале такви искуства во детството, често ги прекинуваат односите со своите родители за да воспостават сопствено чувство на сигурност и автономија.
Нестабилна семејна средина
Растењето во нестабилен дом е искуство кое често води до прекин на односите со родителите во зрелоста. На децата од таквите семејства често не им се задоволувале основните потреби, поради што морале да се фокусираат на преживување наместо на безгрижно детство, пријателства и игра.
Психотерапевтот Патрик Техан ги опишува таквите семејства како „систем на хаос“, во кој чести се неисполнетите обврски, непредвидливите промени и недостатокот на стабилност, пишува YourTango. Децата од таквите домови развиваат силна независност, водени од чувството на срам затоа што растат во хаотични услови. Како возрасни, тие тешко дозволуваат да бидат блиски и се плашат дека секоја емотивна врска одеднаш би завшрила.
Претерано високи очекувања
Родителите поставуваат очекувања, но ако тие се премногу високи и недостижни, може да ја нарушат самодовербата на детето и да доведат до отуѓување во зрелоста. Експертот за детски развој Пат Танер Нелсон објаснува дека "реалните очекувања им овозможуваат на децата да доживеат успех и да изградат позитивно чувство за самопочит. Кога родителите бараат совршенство, децата често се чувствуваат како никогаш да не се доволно добри".
Засрамувањето како воспитен метод
Децата кои биле засрамувани од нивните родители тешко закрепнуваат бидејќи тоа има долгорочна штета врз нивната самодоверба. Ваквите непријатни искуства стануваат длабоки емоционални рани кои го обликуваат начинот на кој овие поединци подоцна поминуваат низ животот.
Родителите кои го користат срамот како дисциплински метод не го постигнуваат посакуваниот ефект. Наместо да ги мотивира да го променат своето однесување, засрамувањето ги тера децата да се сомневаат во себе и тоа да се одразува во текот на целиот нивен живот.
Тивко казнување (игнорирање)
Поединците кои доживеале тивко казнување или игнорирање од нивните родители во детството добиваат порака дека мора да бидат незабележливи и совршено прилагодени на очекувањата на нивните родители. Со оваа форма на казнување нема простор за грешка. Тивкото казнување е всушност суптилна форма на емоционално злоставување бидејќи родителите ја прекинуваат комуникацијата и поврзаноста со детето.
Експертот за односи, д-р Маргарет Пол, објаснува: „Со тивкото казнување се казнува детето така што им се ускратува љубовта и вниманието. Сепак, децата не разбираат дека не можат да ги контролираат реакциите на другите. Како резултат на тоа, во зрелата возраст развиваат чувства на несигурност и ги прекинуваат односите со нив за да го заштитат своето емоционално здравје“.
Вклучување на дете во родителски конфликти
Триангулација е термин кој опишува ситуација кога некој се вовлекува во конфликт меѓу две други лица. Кога родителите ги вклучуваат децата во сопствените проблеми и емоционални конфликти, тоа може да има сериозни последици во нивниот емоционален развој. Децата тогаш чувствуваат одговорност за решавање на проблемите на нивните родители, иако тоа никогаш не би смеела да биде нивна улога.
Овој тип на товар не исчезнува и кога децата ќе пораснат. Напротив, лицата кои во детството биле емоционални посредници помеѓу родителите често ги прекинуваат односите со нив за конечно да го почувствуваат внатрешниот мир што го немале.
Недостаток на емоционална потврда
Наместо да ги признаат чувствата на своето дете, родителите ги минимизираат за да ја заштитат сликата за себе. Децата треба да чувствуваат дека нивните чувства се прифатени и разбрани. Но, ако родителите постојано ги игнорираат, отфрлаат или го пренасочуваат разговорот кога ќе се појави нешто тешко, детето може да порасне со чувство дека нивните искуства не се важни.
Кога тоа трае со години, откако ќе пораснат, тие често одлучуваат да го прекинат односот со родителите за да го зачуваат сопственото чувство за идентитет, пренесува YourTango.
Преголемо споделување на родителските проблеми
Децата се потпираат на нивните родители да ги водат низ детството и да им обезбедат стабилна основа за иднината. Меѓутоа, кога родителите ги бришат границите и ги оптоваруваат своите деца со сопствените проблеми, тоа често ги спречува да се развиваат здраво.
Преголемото споделување на личните проблеми со децата често е знак на парентификација, феномен во кој децата ги преземаат емотивните или практичните улоги на возрасните и се грижат за своите родители. Возрасните кои во детството го носеле товарот на родителите, најчесто го прекинуваат односот со нив за конечно да ги воспостават своите граници.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата