Јосиф Сталин беше еден од најстрашните диктатори на 20 век и човек за време на чиј режим загинаа милиони негови сонародници. Но, несреќата не го поштеди ниту неговото семејство, а животот на трите легитимни деца на Сталин се трагични примери на навистина нефункционално семејство.
Јаков, Василиј и Светлана скапо платија за злосторствата на нивниот татко.
Јаков

Јаков Џугашвили е првороден син на Сталин. Сталин ја обожавал својата прва сопруга, но откако таа умрела од тифус кога Јаков бил само дете, тој никогаш не се грижел многу за својот најстар син.
Јаков израснал со роднините во Грузија и никогаш не се сложувал добро со својот татко. Како 23-годишен се обидел да се самоубие, но само се повредил. Единствениот коментар на Сталин бил: „Тој не може ни право да пука“.
Инаку, Јаков завршил електротехника. Се женел три пати и имал две деца. Последен пат, со танчерка по име Јулија Мелцер. Сталин, како жесток антисемитист, бил згрозен и убеден дека неговиот син го направил тоа само за да го нервира.
Кога започнала Втората светска војна, Јаков добил чин артилериски втор поручник и татко му му наредил „да оди да се бориш“.
Неполн месец по заминувањето, Јаков бил заробен од нацистите. Тие го искористиле фаќањето на најстариот син на Сталин за да шират антисоветска пропаганда. Тој поминал речиси две години во германски кампови.
Смртта на Јаков е обвиткана во мистерија. Наводно, по поразот кај Сталинград, германската команда сакала да го замени синот на Сталин со фелдмаршалот Фридрих Паулус, кој бил заробен од Црвената армија. Според приказната, Сталин на ова одговорил: „Јас не менувам војник за фелдмаршал!“
Иако оваа верзија на настаните никогаш не е потврдена, ќерката на Сталин, Светлана Алилујева во својата книга „Дваесет писма до еден пријател“ наведува: „Зимата 1943-44 година, по битката кај Сталинград, татко ми ми кажа за време на една од нашите ретки состаноци: „Германците се понудија за размена, Јаша за кој било свој... Да преговарам со нив?! Не, војната е војна!“
Во 1943 година, на 36-годишна возраст, Јаков починал во логор во Германија. Официјално било објавено дека тој починал обидувајќи се да побегне, но се верува дека се самоубил влетувајќи во наелектризирана ограда.
По војната, Сталин добил документи за неговиот син во кои пишувало дека Јаков добро се однесувал. Веројатно под влијание на овие информации Сталин го омекнал односот кон Јаков и подоцна често изјавувал дека умрел во „херојска смрт“.
Василиј

Василиј Џугашвили е вториот син на Сталин, роден во 1921 година во брак со Надежда Алилујевна. Неговата мајка извршила самоубиство кога тој имал 11 години, а татко му го опишал како „разгалено момче со просечни способности“.
И покрај оценките, тој можел да се запише во школа за пилоти на 17 години. Ја искористил позицијата на татко му за да обезбеди унапредување, иако бил и пијаница и женкар. Се оженил четири пати. Познат е по тоа што организирал декадентни забави со оргии.
Земајќи го самонареченото презиме на неговиот татко, Василиј Сталин се искачил на чинот на генерал-мајор, но никогаш не бил многу популарен бидејќи неговото унапредување не се должело на неговата способност или напор.
Василиј не се плашел од никого освен од татко му. Кога умрел Сталин, Никита Хрушчов и Георги Маленков, следните водачи на Советскиот Сојуз, го сметале Василиј опасен само поради неговото наследство.
Остатокот од животот го поминал во и надвор од затвор за разни злосторства, но на крајот бил ослободен и протеран во Казан. Во лоша здравствена состојба, тој починал во 1962 година, неколку дена по неговиот 41 роденден, од труење со алкохол.
Светлана
https://youtu.be/ekde0kflIKk
Најмалото дете и единствената ќерка на Сталин е Светлана Алилујева. Сталин ја обожавал својата ќерка, нарекувајќи ја „малото врапче“, а таа била дете славна личност во Советскиот Сојуз.
Имала само 6 години кога нејзината мајка извршила самоубиство, но вистината за тоа ја дознала дури како тинејџерка, бидејќи како дете и било кажано дека нејзината мајка починала од апендицитис.
Таткото на Светлана строго го контролираше нејзиниот живот. Сакала да студира литература, но татко и ја принудил да студира историја. Кога Сталин дознал дека првата љубов на Светлана е еврејски режисер, го испратил додворувачот во Сибир на 10 години.
Кога се омажила за друг маж, исто така Евреин, Сталин одбил никогаш да го запознае. Двојката се развела по две години брак, а Светлана се омажила за маж по желба на нејзиниот татко – Јуриј Жданов бил син на десната рака на Сталин, Андреј Жданов. И тој брак траел кратко.
Сталин почина во 1953 година и Светлана повеќе немала толку многу привилегии како порано, бидејќи Советскиот Сојуз сакал да се дистанцира од злосторствата на Сталин. Таа го зела презимето на нејзината мајка и стана Светлана Алилујева. Таа се издржувала себеси и двете деца од претходните бракови работејќи како англиски преведувач и книжевен уредник.
Кога се заљубила во индиски комунист, советските власти не ѝ дозволиле да се омажи за него, но откако тој починал во 1967 година, се согласиле да и дозволат да ја врати неговата пепел во Индија. За време на тоа патување, Светлана отишла во американската амбасада, побарала азил и засекогаш пребегнала од Советскиот Сојуз.
Светлана зад себе оставила два пропаднати брака и две деца на возраст од 22 и 17 години кога пребегнала. Таа во Америка јавно се откажа од својот татко, кого го нарекла „морално и духовно чудовиште“ и го запалила рускиот пасош. Таа има објавено „Дваесет писма до пријател“ каде пишува за нејзиниот татко и животот во Кремљ, а книгата предизвика вистинска сензација, пишува Vintage news.
Во интервјуата, таа зборува дека е осамена, а на крајот се премажила и добила уште една ќерка. Во бракот со Вилијам Весли Питерс го променила името во Лана Питерс, но и таа врска не траела.
По разводот, Светлана често се преселувала, прво во Калифорнија, а потоа во Англија. Вознемирена што Советскиот Сојуз нема да дозволи нејзините постари деца да ја посетат, Светлана се вратила во својата татковина во 1984 година, овој пат осудувајќи ги САД. Нејзиното државјанство било обновено, но таа не можела да изгради врска со нејзините тогашни возрасни деца, па во 1986 година повторно заминала во Америка.
Починала од рак на дебелото црево во Америка во 2011 година на 85-годишна возраст. Живеела подолго од обајцата браќа заедно.
Ја оставила нејзината ќерка Олга Питерс, која го променила името во Криси Еванс.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата