Од неодамна, на кучето Коста и на уште неколку негови „другари“, Никола Карев им кажа добредојде и ги згрижи во школскиот двор, со што стана првото „пет френдли“ училиште во земјава. Ентузијазмот доведе и до формирање на првиот Клуб за миленици. Учениците и целиот училишен персонал, се грижат за состојбата и третманот на кучињата.
Најпосветени биле на часовите по ликовна уметност, каде од старите и неупотребливи клупи и столчиња ги изработиле куќичките за милениците.
Но освен во дворот, кучињата понекогаш се привилегирани да престојуваат и во ходникот. Оваа можност, најчесто ја користи Коста, кучето кое е заштитен знак на гимназијата и омилено меѓу учениците. Во холот има поставено неколку душеци и ќебиња.
Идејата потекнала од самите ученици, раскажува професорката по книжевност Марина Ристовска. Вели, сите од Клубот имаат посебни активности и со голема љубов се грижат за кучињата. Среќна е што добиле и целосна поддршка од раководството на гимназијата за ваквиот хуман гест.
Коста било локално куче скитник кое најчесто се движело околу трговскиот центар „Лептокарија“. Еден ден сосема случајно влегол во гимназијата и како што велат, набрзо ги освоил срцата на децата и професори.
Професорката Ристовска е среќна што биле мотив и за некои од другите гимназии, кои покажале интерес да ги следат нивните чекори и да згрижат некое од уличните кучиња.
Миа и Нора се дел од учениците од Карев кои со голема посветеност се грижат за благосостојбата на кучињата. Посетиле и обука во ЈП „Лајка“, за која велат им била од огромна помош. Чувањето на кучиња во двор и хол на гимназија, велат, не е тешко доколку се работи со љубов.
Тие низ шега раскажуваат дека Коста бил поредовен од некои од учениците во гимназијата. Додаваат дека се грижат и за други кучиња, кои повремено доаѓаат во гимназијата за да добијат храна.
Хуманите ученици најавуваат дека догодина ќе организираат и настан за денот на бездомните кучиња, за да ја зголемат свеста да им се помага на овие животни.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата