Замислете ја ситуацијата - точите гориво на пумпата и вашиот автомобил одеднаш застанува по само неколку метри. Токму ова им се случило на голем број возачи кои станаа жртви на една од најдрастичните измами на бензинските пумпи.
Првата жртва на измама е пријавена на 24 април, кога возач доживеал непријатно изненадување откако го наполнил резервоарот на бензинска пумпа во шпанскиот град Алаквас. Неговиот автомобил застанал по само неколку метри, а бензинската пумпа ја открила шокантната причина за дефектот - гориво измешано со вода.
Според деталите што излегоа на виделина, над 30 возачи официјално пријавиле дека на пумпата им бил ставен бензин разреден со вода. Она што е особено алармантно е соодносот - дури две третини вода и само една третина бензин во смесата што ја продавале на возачите.
Огромна штета и стотици оштетени автомобили
Ситуацијата е толку сериозна што Градскиот совет на Алаквас мораше да реагира, објавувајќи официјално соопштение на социјалните медиуми и најавувајќи итен состанок со сите засегнати возачи.
Според достапните информации, вкупниот број на оштетени возила би можел да надмине сто. Многу од нив веќе посетиле сервиси каде што се соочуваат со сметки за поправки кои се движат помеѓу 800 и 1000 евра.
Автомобилите првенствено страдаат од проблеми со палењето, но експертите предупредуваат дека последиците можат да бидат многу посериозни. Водата во резервоарот може да предизвика корозија и 'рѓа, а може да ги затне и филтрите за гориво и да ги оштети инјекторите - витални делови од системот за гориво.
Овој случај го привлекува вниманието кон потребата од претпазливост при полнење гориво и го покренува прашањето за контрола на квалитетот на бензинските пумпи. Возачите треба да обрнат внимание на неправилностите на моторот веднаш по полнењето гориво, бидејќи брзата реакција може да спречи поголемо оштетување на системот за гориво.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата