Ако вашето дете постојано ги става туѓите потреби пред своите, избегнува конфликти по секоја цена или е загрижено да не ги разочара другите, можеби научило да ги потиснува сопствените чувства за да заслужи одобрување. Во разговор со детски психолози, ги истраживме суптилните знаци на ова однесување, зошто се случува и како можете да му помогнете на вашето дете да изгради здрави граници без да ја изгуби својата природна емпатија, наведува Parents.
Зошто угодувањето на другите не е безoпасно
Кога децата постојано ги ставаат чувствата на другите луѓе пред своите, можат да изгубат контакт со сопствените потреби и желби. Со тек на време, може да поверуваат дека вредат само кога им се на услуга на другите или кога ги прават среќни.
Според психотерапевтите ваквите деца може да престанат да се залагаат за себе и се поподложни на манипулација зашто навикнале да угодуваат. Ако овој образец на однесување продолжи, во иднина може да доведе до вознемиреност, страв од неодобрување, стрес, емотивна исцрпеност или проблеми во односите, но и депресија.
Угодувањето на другите, може да доведе до ниска самодоверба, збунетост околу сопствениот идентитет и тешкотии при поставување здрави граници.
На зрела возраст може да имаат проблем со самодовербата, да бидат поранливи, да влезат во нездрава врска, давајќи ѝ предност на туѓата благосостојба на сопствена штета.
Знаци дека вашето дете им угодува на луѓето
Чувствува потреба да им угодува на другите за да добие потврда дека е прифатено, постојано се плаши да не направи грешка или презема вина за туѓите грешки, постојано бара одобрување или охрабрување, често прашува: „Дали го правам ова правилно?“, „Добро ли е ова?“ или „Дали ми се лутиш?“
Клучен знак е стравот од одбивање и неможноста да постави граници, дури и ако мора да направи нешто што не сака.
Овие деца често непотребно се извинуваат, имаат тешкотии да се заложат за себе и многу често ги следат групните активности.
Разликата е во тоа што овие деца не се обидуваат да бидат само љубезни; тие ги жртвуваат сопствените потреби заради некој друг, без разлика дали е врсник, наставник или родител.
Зошто некои деца им угодуваат на другите
Иако не постои единствена причина за ова однесување, експертите велат дека околината и воспитувањето играат голема улога. Кога децата се во средина што нагласува совршенство, тие може да почнат да се борат со исполнување на тие очекувања и да поставуваат нереални стандарди за себе. Ако околината е непредвидлива или нестабилна, некои деца учат дека несогласувањето може да биде опасно, па ги потиснуваат своите чувства за да избегнат конфликт.
Ова е особено точно за деца кои ја презеле улогата на родител и растат во средина во која родителите очекуваат децата да се грижат за нивните емоционални потреби.
Однесувањето може да се пренесува и низ генерациите. Иако не постои нешто како ген за угодување, студиите покажале дека спријателувањето е делумно под влијание на гените, а траумата може да создаде и епигенетски промени. Таквите деца имаат поголема тенденција да бидат чувствителни на туѓите чувства и може да се обидат да им угодуваат на другите на сопствена штета.
Како да му помогнете на вашето дете да постави здрави граници?
За овие деца учењето да поставуваат граници може да биде предизвик, но и да делува трансформативно. Бидете пример на детето за тоа како пристојно и одлучно да каже „не“. Вежбајте различни сценарија. Обрнете внимание кое однесување го наградувате. Наместо да ги фалите само кога ќе направат нешто за некој друг, пофалете ја нивната решителност и способност да се заземат за себе.
Потврдете го нивниот опсег на чувства и потсетете ги дека е во ред да бидат вознемирени и дека имаат безбеден простор да се изразат. Кажете им дека не мора непотребно да се извинуваат. Потсетете ги дека ги сакате безусловно, само за тоа кои се, а не за тоа колку среќни ги прават другите. Објаснете им дека сите правиме грешки и дека не мора да бидеме совршени за да заслужиме љубов.
Кога да побарате стручна помош
Секогаш е добра идеја да побарате стручна помош ако однесувањето на вашето дете е штетно за неговата самодоверба, дозволува злоупотреба, ги потиснува емоциите, или се извинува претерано. „Добриот терапевт може да му помогне да изгради самодоверба, да постави граници и да научи дека љубовта не се заслужува секогаш велејќи „да“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата