Принцезата Аико (23), единственото дете на јапонскиот цар Нарухито и царицата Масако, е позитивна на ковид-19, објави денес Агенцијата за царско семејство, доведувајќи ја во прашање планираната посета на царскиот пар на Осака, каде што се одржува Светската изложба Експо 2025.
Во соопштението се вели дека принцезата во вторникот имала температура над 38 степени Целзиусови, а следниот ден направила антигенски тест што ја потврдил инфекцијата, објави новинската агенција Кјодо.
Таа ќе остане во царската резиденција во Токио до недела, се вели во соопштението, додавајќи дека ниту царот ниту царицата во моментов не покажуваат симптоми на COVID-19.
Царскиот пар треба да патува во префектурите Кјото и Осака од сабота за три дена за да присуствува на меѓународен форум и да го провери местото на Светската изложба во Осака.
Агенцијата соопшти дека тие, доколку е потребно, ќе бидат тестирани и за COVID-19.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата