Бројот на земји во кои момчињата ги надминуваат девојчињата во 2023 година достигнал ниво невидено во речиси три децении, нагласува УНЕСКО. Според организацијата, овој тренд е загрижувачки бидејќи силните математички вештини се значајни за поттикнување на економскиот и општествениот развој, промовирање иновации и пронаоѓање решенија за итни глобални проблеми.
Анализата, изработена во соработка со Меѓународното здружение за евалуација на образовните постигнувања (ИЕА), се темели на податоци од меѓународно истражување за трендовите во знаењето математика и природни науки (ТИМСС), собрани меѓу 1995 и 2023 година во 47 земји на крајот од пониските одделенија од основно образование, како и во 38 држави во повисоките одделенија, меѓу кои се Шпанија, Кина, Австралија и САД.
-Иако девојчињата историски покажувале послаби резултати од момчињата во математика, таа разлика значително се намалила во текот на 2000-та и 2010-та година, објаснуваат истражувачите.
Ваквата статистика се менува од 2019 година. Во 2023 година момчињата ги надминуваат девојчињата од пониските одделенија на крајот од основното образование во 81 отсто од анализираните земји, во споредба со 52 отсто во 2019 година, 39 отсто во 2015 година, 41 отсто во 2011 година и 26 отсто во 2003 година. Разликите се забележуваат и во нивото на знаење. Во 2023 година, 21 отсто од земјите имале поголем број девојчиња кои не го достигнале минималниот меѓународен степен по математика на крајот од пониските одделенија од основното образование, во споредба со четири отсто во 2019 година и два отсто во 2015 година. Во исто време, од 2007 година, бројот на држави во кои момчињата имаат исклучително ниско ниво на знаење постојано се намалувал, до тој степен што во 2023 година речиси исчезнал и изнесувал два отсто. Во повисоките одделенија од основното образование ситуацијата изгледа малку подобра, но трендот и понатаму е загрижувачки. Иако бројот на земји во кои момчињата ги надминуваат девојчињата е помал отколку во пониските одделенија, тој долготрајно расте.
УНЕСКО и ИЕА, делумно го припишуваат ова заостанување на долготрајните последици од пандемијата на коронавирусот, бидејќи постојаното затворање на училиштата го зголемило заостанувањето во учењето (математика), како и ја намалило самодовербата и ангажираноста кај девојчињата. За да се запре оваа навика, двете организации повикуваат на дејствување уште од пониските одделенија од основното образование преку зголемување на самодовербата кај девојчињата - преку забавни активности по математика, едукација на наставниците за родова пристрасност, со цел борба против стереотипите, како и обезбедување систематско следење на резултатите според полот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата