logo
logo
logo

Повеќе од 100 европски компании повикаа на заштита на јаглеродниот пазар на ЕУ

Vecer | 10.03.2026

Повеќе од 100 европски компании повикаа на заштита на јаглеродниот пазар на ЕУ

Повеќе од 100 европски компании ги повикаа лидерите на Европската Унија да се обврзат на поддршка на системот за одредување цена на јаглеродот – Системот за тргување со емисии на ЕУ (ЕТС) – на Самитот што треба да се одржи следната недела, јави ДПА.

„Во сегашниот геополитички контекст, безбедноста и суверенитетот на Европа зависат од изградбата на поконкурентна и поотпорна економија“, се наведува во писмото објавено вчера.

Компаниите нагласуваат дека тоа може да се постигне со „оддалечување од нестабилниот увоз на фосилни горива и со искористување на потенцијалот за чиста енергија, високообразуваната работна сила и силата на европските иновации“.

„Според нашето мислење, силен систем ЕТС е од клучно значење за постигнување на оваа цел“, се наведува во писмото, кое го потпишале индустриски компании како Салцгитер и Волво карс, енергетски компании меѓу кои Ватенфал и ЕДФ, како и компании од секторот на чисти технологии и инвеститори.

Според правилата на ЕТС, компаниите од сектори како производство на електрична енергија, индустриско производство и авијација мора да купуваат дозволи за емисиите на стакленички гасови. Системот во моментов опфаќа околу 40 проценти од вкупните емисии во ЕУ.

Додека европската индустрија се соочува со релативно високи цени на енергијата, некои земји членки тврдат дека високите трошоци за енергија, заедно со цената на емисионите сертификати, претставуваат значителен товар за индустриските сектори.

Во писмото се наведува дека слабеењето или суспендирањето на ЕТС наместо решавање на главните причини за намалената конкурентност на Европа „би било сериозна погрешна дијагноза на проблемот“.

Системот ЕТС, воведен пред повеќе од 20 години, се оценува како „двигател на конкурентноста на Европа и темел на рамката на ЕУ за декарбонизација“.

Неговото поткопување, се наведува, „би ја намалило сигурноста на инвестициите и би ја загрозило индустриската иднина на Европа“.

Во тек е и планирана проценка на системот од страна на Европската комисија, која треба да доведе до поголемо насочување на приходите од ЕТС кон дополнително намалување на емисиите во индустрискиот сектор.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk