Посетата е дел од првата голема меѓународна турнеја на 70-годишниот папа, која ќе трае до 23 април и ќе ги опфати и Камерун, Ангола и Екваторијална Гвинеја, при што тој ќе помине околу 18.000 километри. Патувањето има и силна лична димензија за папата, кој потекнува од САД, бидејќи ќе оди по стапките на свети Августин (354–430), еден од најголемите христијански мислители, роден токму на територијата на денешен Алжир.
Во контекст на зголемените тензии поради војната на Блискиот Исток, пораката за мирен соживот ќе биде во центарот на неговата посета на земјата со 47 милиони жители, од кои 99 проценти се муслимани. „Целта е обраќање до исламскиот свет, но и соочување со заедничкиот предизвик на соживотот“, изјави Матео Бруни, портпарол на Светата столица.
Неколку дена пред посетата, три меѓународни невладини организации, меѓу кои и „Хјуман рајтс воч“, го повикаа папата да ги отвори прашањата за човековите права и за верските слободи, наведувајќи дека верските малцинства се соочуваат со дискриминаторски ограничувања. Исламот е државна религија во Алжир, но Уставот гарантира слобода на вероисповедта, при што властите издаваат одобренија за проповедниците и за верските објекти.
Локалните медиуми ја оценија посетата како „симболична и историска“, иако во земјата живеат околу 9.000 Католици. Папата ќе биде пречекан од претседателот Абделмаџид Тебун, по што ќе одржи говор пред властите и дипломатскиот кор. Не се предвидени јавни собири во главниот град, а „папамобилот“ ќе остане на аеродромот.
Папата ќе ја посети Големата џамија во Алжир, како и катедралата „Богородица Африканска“, а ќе се помоли и во капелата на 19-те алжирски маченици убиени за време на граѓанската војна (1992–2002). Во вторник тој ќе отпатува во Анаба, античкиот Хипо Регис, каде што епископ бил свети Августин, и таму ќе служи миса.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата