Пред неколку дена, „Бе-ем-ве груп“ официјално му го достави ноиот „Бе-ем-ве IX 60“, целосно електричен полутеренец којшто стана новиот „Папамобил“ во гаражите во Ватикан.
Тоа е еден од најлуксузните и најмодерни електрични модели од германскиот производител. Опремен е со најнови безбедносни системи, напредна помош при возење и технологија што овозможува прилично тивко движење - што е особено важно за јавните настапи на папата. Со два електрични мотори и погон на сите тркала, „Бе-ем-ве IX 60“ нуди моќност од над 600 коњски сили и досег што ги задоволува дури и најсложените протоколарни обврски.

„Бе-ем-ве IX 60“ не е само статусен симбол, туку и технолошко чудо - мешавина од луксуз, безбедност и одржливост, во служба на едно од највлијателните официјални црковни тела во светот. Иако на прв поглед изгледа како отстапување од скромноста што Ватикан често ја нагласува, изборот на електрично возило се толкува и како силна симболична порака. Преминот кон возило со нулта емисија е во согласност со посветеноста на Светата столица на заштитата на животната средина и борбата против климатските промени, тема на којашто Ватикан сè повеќе се насочува последниве години.
Новиот „Папамобил“, според наводите во западните медиуми, е прилагоден да ги задоволи и најспецифичните безбедносни прашања, како и да обезбеди удобност за долги патувања и јавни настани.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата