Една студија на јужнокорејски и австралиски научници покажала дека со загревање на планетата топлотниот удар и сушата двоструко се интензивираат, а посебно загрижува сè побрзиот пораст на најразорните суши, предизвикани од топлински бран, објавува euronews.
Во текот на 1980-тите, ваквите екстремни услови годишно зафаќале само околу 2,5 % од површината на Земјата. До 2023 година, последната година што ја проучувале истражувачите, овој процент се искачил на 16,7 %, додека 10-годишниот просек изнесува 7,9 %. Авторите на студијата велат дека просекот веројатно се зголемил дополнително поради рекордните глобално високи температури во 2024 година, како и во 2025 година.
Алармантно забрзување на промените
Во студија објавена на 6. март во списанието Science Advances, научниците навеле дека забрзаниот степен на промени е поалармантен од самите бројки. Во текот на првите две децении од периодот што се разгледувал, од 1980 година, ширењето на екстремите каде прво се случува топлински бран, се зголемувало, но во последните 22 години степенот на пораст на ваквите појави е дури за осум пати поголем од претходните години.
Настаните во кои прво доаѓа до суша, проследена со екстремни температури, сè уште се почести, и се во пораст. Но, истражувачите се фокусирале на случаите каде прво се случува топлински бран, бидејќи тогаш сушите се поинтензивни, објаснува коавторот на студијата Санг-Вук Јех, климатолог на Универзитетот Ханјанг во Јужна Кореја.
Ваквите услови водат до таканаречени „брзи суши“, кои се поразорни од обичните бидејќи се појавуваат ненадејно, не давајќи им на луѓето и земјоделците време да се подготват, вели водечкиот автор Јонг-Џун Ким, климатолог на истиот универзитет. Ненадејните суши, кои се јавуваат кога потоплиот и „пожеден“ воздух црпи повеќе вода од земјата, стануваат сè почести во светот што се затоплува, како што покажаа претходните студии.
Опасна комбинација на климатски екстреми
„Студијата истакнува клучен факт за климатските промени: најразорните последици често се резултат на сложени екстреми. Кога истовремено ќе се јават и топлотни бранови, суша и опасност од пожари - како што беше случајот со топлотниот бран во Русија во 2010 година или пожарите во Австралија во 2019 и 2020 година - ефектите може брзо да се влошат“, вели Ендру Вивер, климатолог на Универзитетот Викторија во Британска Колумбија, кој не учествувал во истражувањето.
„Она што го покажува оваа студија е дека глобалното затоплување не само што ги прави топлинските бранови поверојатни, туку го менува и начинот на кој топлината и сушата меѓусебно делуваат, засилувајќи ги ризиците со кои се соочуваме“, додава Вивер.
Најзагрозените области и можна пресвртница
Студијата открива најголемо зголемување на сушите предизвикани од топлотните бранови во Јужна Америка, западна Канада, Алјаска и на западот на Соединетите Американски Држави, како и делови од централна и источна Африка.
Џенифер Френсис, климатолог во Центарот за климатски истражувања „Вудвел“, која не била вклучена во студијата, вели дека пресвртната точка околу 2000. година(кога ситуациите во кои топлинскиот бран ѝ претходи на сушата се забрзале)„морничаво се совпаѓа со почетокот на брзото затоплување на Арктикот, губењето на морскиот мраз и намалената пролетна снежна покривка на континентите на Северната хемисфера“.
Сепак, еден од научниците додава дека е тешко да се каже дали овие промени се трајни. Некои компјутерски модели предвидуваат дека уште еден силен Ел Нињо ( природно затоплување на делови од Тихиот Океан што ги менува временските обрасци низ целиот свет), ќе се случи подоцна во текот на оваа година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата