Надуеноста е непријатно чувство кое го користиме за да ја опишеме состојбата во која чувствуваме тежина во стомакот. Многу фактори можат да доведат до тоа, а има и голем број решенија кои можат да го спречат.
Надуеноста не е дебелина или сало на стомакот, како и задржување на вода или чувство на вина, затоа што се прејадувате. Многумина го користат терминот за да ги опишат абдоминалните проблеми кои понекогаш вклучуваат гасови, подригнување или грчеви во стомакот.
Многу фактори може да доведат до надуеност, од запек до чувствителност на одредена храна или едноставно голтате премногу воздух. Најчесто се јавува кога во дигестивниот систем се наоѓаат премногу храна, течности или гасови.
Бидејќи прашањето за количината е индивидуално, тешко е да се идентификува што може да предизвика надуеност кај секој поединец.
Пребрзо сте изеле премногу храна
Не секое чувство на ситост е и надуеност, а непријатното чувство поради прејадување често нема врска со количината на храна, туку со воздухот. Ова може да се случи ако зборувате и јадете во исто време. Исто така, виновници за овој проблем може да бидат премногу газирани пијалоци, гуми за џвакање или пиење пијалоци преку сламка.
Решението е да јадете побавно во вакви ситуации.
Запек
Чувството на надуеност често се поврзува со запек. Решението е едноставно, а вклучува пиење топли напитоци, како и зголемен внес на влакна во исхраната.
Алергии и нетолеранција
Преосетливоста на одредена храна може да предизвика и надуеност, особено ако јадете премногу храна на која сте нетолерантни. Ова ќе предизвика формирање на гас. Најчести виновници се лактозата, фруктозата, глутенот и јајцата. Кај луѓето со синдром на нервозно дебело црево, фруктозата и лактозата може да предизвикаат значителни проблеми.
Доколку се обидувате да одредите која конкретна храна ви предизвикува проблеми, посетете лекар и водете дневник за исхрана во кој ќе видите како вашето тело реагира на одредена храна.
Ненадеен внес на влакна
Дури и ако немате нетолеранција на храна, храната богата со растителни влакна може да влијае на производството на големи количини гас. Тие вклучуваат мешунки, грашок и леќа, како и брокула. Иако зголемениот внес на влакна е решение за запек, тоа може да доведе до создавање на вишок гасови кои ќе предизвикаат надуеност.
Шеќерен алкохол
Во производите кои не содржат шеќер и во некои гуми за џвакање, често меѓу состојките има и засладувач во форма на шеќерен алкохол. Нивното прекумерно консумирање може да доведе до дигестивни проблеми.
Обидете се со дигестивни ензими за моментално закрепнување
Не постои волшебна храна или лек што ќе ви ги реши проблемите со надуеноста во моментов. Таканаречените природни решенија како што е маслото од нане обично се само плацебо. Сепак, во зависност од причината за надуеноста, одредени дигестивни ензими можат да помогнат.
На пример, ензимите на лактазата помагаат при надуеност предизвикана од лактоза. Долгорочното решение сепак е да се внимава на изборот на храната и начинот на консумирање. Ако проблемот продолжи, не заборавајте да разговарате со вашиот лекар.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата