Најскапиот паркинг простор во Бостон е продаден за 500.000 долари пред две години. Сместен е во гаражата на улицата Бример во престижната населба Бикон Хил, а листата на опции, покрај место за паркирање, вклучува и камери, точење гориво, миење автомобили и целосна консиерж услуга.
Големината на паркингот е 2,7 x 5,5 метри и моментално е објавен за продажба. Цената сега е зголемена за 50 отсто во однос на последната продажба и изнесува неверојатни 750.000 долари. Но, агентот за продажба Рене Родригез од Cabot & Company верува дека цената е оправдана - бидејќи таа сума покрива повеќе од само конкретниот простор, пишува The Sun.
„Тоа е ексклузивен паркинг простор за камери, гаражата е секогаш под надзор, а тука се присутни шест или седум вработени во секое време“, изјави тој за NBC Boston. „Ако поседувате куќа вредна 15 милиони долари која нема паркинг простор, ова значително ја зголемува вредноста. И таа вредност нема да се намали – на ридот не се градат нови паркинг места, така што мислам дека ова е прилично добра инвестиција за луѓето кои живеат овде“, додаде Родригез.
Паркинг местата во гаражата на улицата Бример првпат биле ставени на продажба во 1970-тите по цена од околу 7.500 долари. Но, таа цена скокна на околу 300.000 долари во 2013 година, а една деценија подоцна неколку беа продадени за 500.000 долари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата