Кога бил изграден, хотел Југославија бил повеќе од само хотел – тој бил симбол на престиж, моќ и амбиција на земја која сакала да остави впечаток на целиот свет. Неговата изградба траела повеќе од две децении, од 1947 до 1969 година и бил еден од најскапите градежни зафати во тоа време во Југославија.
Проектот чинл околу 45 милиони долари, што би било уште поимпресивна сума во денешни услови.
Во времето на неговото отворање, хотелот бил меѓу најголемите и најлуксузните во Европа. Сместен на брегот на Дунав, имал сè што можела да посака елитата од тоа време - големи сали, пространи апартмани, врвни ресторани и ексклузивни удобности.
Бил замислен како репрезентативен објект во кој Југославија ќе ги пречека најзначајните светски личности и токму тука се одржани многу историски средби.
Посебно место во хотелот заземала Титовата резиденција, апартман опремен по највисоки стандарди, резервиран исклучиво за претседателот на СФРЈ и неговите најважни гости.
Внатрешноста била украсена со луксузен мебел, уметнички дела и најсовремени технолошки решенија во тоа време. Многу светски лидери, познати личности и угледни гости на Југославија имале можност да престојуваат во овој ексклузивен дел од хотелот.
Но, историјата на хотелот Југославија не била само приказна за луксуз, туку и за неговиот постепен пад.
За време на бомбардирањето на НАТО во 1999 година, хотелот бил погоден од ракети, уништувајќи ги горните катови, вклучувајќи ја и резиденцијата на Тито. По војната, хотелот никогаш не бил целосно реставриран. Тој беше делумно реновиран и работеше со ограничен капацитет извесно време, но никогаш не го врати својот поранешен сјај.
Со години имаше планови за негова реконструкција, но на крајот беа донесени поинакви одлуки - хотелот ќе се урне, а на негово место ќе се изгради луксузен станбено деловен комплекс со нов хотел од престижниот синџир Риц-Карлтон. Многумина веруваат дека иако новата зграда ќе донесе модернизација, нема да може да го замени историското значење што го имаше хотел Југославија.
Од некогашниот симбол на престижот ќе останат само спомени и неколку вредни детали - познатиот лустер од лобито на хотелот ќе биде вратен во новиот објект, додека натписот „Хотел Југославија“ и скулптурата „Воден цвет“ ќе најдат место во експонатите на музејот. Така, дел од неговата приказна ќе преживее, иако самиот хотел наскоро повеќе нема да постои.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата