За да го избегнете овој проблем, користете дестилирана вода, чистете ја барем еднаш месечно за да го продолжите нејзиниот век на траење.
Првите пегли почнале да се користат уште во стара Кина, околу 4 г. п.н.е. Се работело за метални садови полни со жар, со кои ги мазнеле ткаенините за да се исправат. Во средниот век во Европа, луѓето користеле дрвени или камени валјаци за рамнење на платното.
Првите метални пегли се појавиле во 17.век, биле од железо и биле многу тешки, ги загревале на шпорет или директно на оган. Ги нарекувале „железни пегли“. Во 19-ти век се појавуваат пегли кои се полнат со вжарено масло или пак имаат резервоар за алкохол кој согорувал и ја греел плочата.
Првата електрична пегла е изум на Хенри Сeли во САД 1882 г. Дури во текот на 20-тите години на минатиот век електричните пегли станале популарни, но биле прилично скапи. Пеглите со вграден резервоар за вода што испуштаат пареа се појавиле во 50-тите години на минатиот век и повеќето домаќинства денес имаат токму такви.
Нивната мана е во тоа што со тек на време, фаќаат бигор во резервоарот за вода што може да ја оштети самата пегла. Освен тоа, пеглата лошо функционира, често остава дамки врз облеката за време на пеглањето.
Како да го исчистите бигорот во пеглата?
Испразнете го резервоарот ако во него има стара вода, па истурете смеса од 50% обичен алкохолен оцет и исто толку вода. Вклучете ја пеглата на највисока температура и вклучете ја пареата. Копчето за пареа (burst stream) задржете го неколку пати за оцетот да помине преку дупчињата. Исклучете ја и оставете ја пеглата да отстои 30 минути со таа смеса. Испразнете го резервоарот и двапати исплакнете со чиста вода. Пуштете пареа од чистата вода да ги отстрани остатоците од оцет.
Задолжително проверете што пишува на упатството од производителот. Има пегли за кои е наведено никако да не се користи оцет, во тој случај можете да користите лимонтус ( 1 лажичка во 100 мл вода).
Чистење на дупчињата
Направете паста од сода бикарбона и вода, нанесете ја на дното на пеглата, особено на дупчињата. Исчистете со мека четкичка или со стапчиња за уши, а потоа пребришете со влажна крпа.
Повеќето модерни пегли имаат копче за чистење. Ставете вода во резервоарот, вклучете ја пеглата и притиснете го ова копче, држете ја пеглата над лавабо додека не ја ослободи водата преку пареа.
За да избегнете вакви проблеми со пеглата, користете дестилирана вода. Повремено испразнете го и исушете го резервоарот после пеглање. Чистете ја пеглата барем еднаш месечно за да го продолжите нејзиниот век на траење.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата