Дали некогаш сте се запрашале како паровите кои се заедно со децении успеваат да ја одржат својата врска? Многумина кои се во долгогодишна врска доживеале подеми и падови, а понекогаш тие падови се чинат непремостливи. Психологот д-р Александра Соломон за Parents.com изјави дека клучниот аспект на еден здрав однос е подготвеноста да гледате на вашиот однос како на училница.
„Мораме да прифатиме дека промената е неизбежна и најдоброто нешто што можеме да го направиме е да пристапиме кон неа со љубопитност, а не со отпор“, вели д-р Соломон. „Да се гледа на бракот како на училница, делумно значи да бидеме свесни дека во него го внесуваме сопственото минато во него. Важно е да бидете спремни да видите како старите рани, обрасци и поттикнувачи (тригери) се реактивираат во нашиот однос во партнерот.“
Еве ги советите на д-р Соломон кои можат да ви помогнат да негувате здрав однос со вашиот партнер, особено додека заедно ги одгледувате децата.
Грижете се за вашите основни потреби
Да се биде добар партнер започнува од грижата за вашите основни потреби, како што се здравата исхрана, вежбањето, справувањето со стресот и квалитетниот сон. „Знам дека сум подобра сопруга кога се грижам за себе. Кога не спијам доволно, не вежбам и не се смеам, станувам огорчена и раздразлива“, вели д-р Соломон.
„Колку повеќе сум под стрес, толку повеќе своите обврски кон сопругот и децата ги доживувам како товар, а не како благослов. Кога сум исцрпена, почнувам да се чувствувам како жртва, а тоа ја намалува мојата способност да го побарам она што ми е потребно - помош, пофалби, одмор.“
Другиот аспект од грижата за себе е да правите работи што ве прават среќни, како што е одењето на ручек со пријатели или вклучувањето во активности што ги уживате, како што се читање или танцување. „Не можеме да даваме од празна чаша, па затоа треба да се вклучиме во активности што ни даваат значење, поврзаност и радост“, вели таа.
„Тешко е да се грижите за другите, а правењето работи што нè обновуваат и ја поттикнуваат нашата страст спречува ‘прегорување’.“ Ако се чувствувате преоптоварени, важно е да се повлечете и да направите пауза, наместо да кажете нешто за кое можеби ќе зажалите подоцна.
Поврзете се преку допир
Д-р Соломон објаснува дека допирот му кажува на вашиот партнер дека сте на иста страна. „Допирот им помага на паровите да останат поврзани и го ублажува ударот од неизбежните секојдневни фрустрации во семејниот живот“, споделува таа. „Важно е паровите да имаат разни видови допир во нивната врска, не само сексуален допир.“
Преку работа со различни парови, д-р Соломон открила дека допирот често се толкува како прашање: „Сакаш ли да водиме љубов?“, што преоптоварениот партнер го доживува како уште едно барање. Таа препорачува допир надвор од спалната соба за да се намали стресот и да се зајакне поврзаноста. Држењето за рака, седењето блиску еден до друг, па дури и кратка прегратка при доаѓање или заминување се прекрасен начин на поврзување.
Одвојте време за да излезете
Д-р Соломон ја нагласува важноста на минувањето време сами со вашиот партнер, особено ако сте родител или имате тешка работа. „Многу е важно да запомните дека сте партнери, љубовници и пријатели, а не само двајца луѓе кои водат „мало претпријатие“ или домаќинство. Ако вечерите се комплицирани поради децата и работата, секогаш можете да се најдете во текот на денот“, вели таа.
Иако вечера надвор може да звучи одлично, излегувањето не мора да биде скапо или комплицирано. Може да биде вечерна прошетка низ соседството, гледање филм на каучот, ручек во паркот или играње друштвена игра за парови.
Проверете како се чувствува вашиот партнер
Важно е редовно да проверувате како е вашиот партнер и да помислите на него во текот на денот. Д-р Соломон препорачува да бидете свесни за она што го загрижува или го прави среќен, а потоа да поставувате прашање за тоа како се чувствува. „Увидот во светот на другата личност гради поврзаност“, вели д-р Соломон.
Ова не мора да биде обврска; понекогаш едноставно прашање: „Здраво, како помина денеска?“ е одличен начин да му покажете на вашиот партнер дека ви е грижа. Некои парови остануваат поврзани во текот на денот со испраќање пораки, па дури и испраќање смешни кратки видеа за комуникацијата да остане отворена.
Пристап без обвинувања
Д-р Соломон сугерира дека ако сте вознемирени за нешто што го направил вашиот партнер, пристапете кон ситуацијата описно, а не со обвинување. Таа препорачува да размислувате вака: „Ова се случи, а ваква е приказната што си ја раскажувам себеси.“
„Вложувањето напор да ги одделите фактите од сопствената интерпретација на тие факти ќе ви помогне да добиете многу повеќе од она што го сакате и ви треба – потврда, признание, одговорност, емпатија - а помалку од она што не го сакате – одбранбен став и обвинувања“, вели таа. Ако сте виновни, преземете одговорност и извинете се.
Запомнете, вие не сте вашиот партнер
Кога сте вознемирени поради проблем, д-р Соломон препорачува да кажете: „Вознемирен/а сум поради тоа што го направи. Можеш ли да ми помогнеш да разберам што се случува со тебе?“ Ако пристапите кон ситуацијата со љубопитност, а не со осуда, признавате дека вашиот партнер светот го доживува поинаку.
Ова ќе го намали конфликтот и ќе доведе до подобра врска. Како што вели д-р Соломон, „среќните парови прифаќаат дека се различни личности и пристапуваат кон несогласувањата со љубопитство, а не со обвинување“.
Гледајте го конфликтот како можност
Работејќи со парови, д-р Соломон открила дека паровите во здравите односи врски несогласувањата ги гледаат како можност да го разберат внатрешниот свет на својот партнер, а не како битка за „победа“. Тоа не значи дека нема да се случуваат расправии, но ако сте спремни да пристапите кон несогласувањата како кон можност за учење и раст, вашата комуникација ќе напредува врз основа на меѓусебно почитување и сочувство.
Прашајте, не претпоставувајте
Ако нешто ви е важно, побарајте го. Некои од клиентите на д-р Соломон се спротивставуваат на оваа идеја, велејќи: „Ако морам да барам, тогаш тоа нема смисла“. Но, таа вели дека тоа е грешка бидејќи луѓето не можат да читаат мисли. Таа објаснува дека кога не го бараме она што го сакаме, нашата потреба се доживува погрешно, најчесто како приговор, поплака.
Кога барате нешто што сакате, можете да ги подобрите идните интеракции. На пример, ако не ви се допаѓа вашиот партнер да остава валкани чорапи на подот, кажете му го тоа. Ова може да му помогне да разбере како се чувствувате и, се надеваме, да го промени своето однесување. Кога барате нешто што сакате, помага комуникацијата да ја држите отворена, додека претпоставките за мислите и чувствата на вашиот партнер можат да создадат недоразбирања што водат до расправии.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата