logo
logo
logo

СЛУШАЛКИТЕ „ДО ДАСКА“ ГО ЗЕМААТ ДАНОКОТ Како да препознаете оштетување на слухот кај тинејџерите?

Vecer | 24.06.2026

СЛУШАЛКИТЕ „ДО ДАСКА“ ГО ЗЕМААТ ДАНОКОТ Како да препознаете оштетување на слухот кај тинејџерите?

Со доаѓањето на потоплите денови и сезоната на концерти, фестивали, спортски настани и дружења на отворено, експертите предупредуваат на сè почестиот проблем со оштетување на слухот кај децата и адолесцентите. Прегласната музика, долготрајното користење слушалки и секојдневната изложеност на бучава оставаат последици кои често се развиваат постепено и поминуваат незабележано. Според проценките, секој шести тинејџер денес има одреден степен на оштетување на слухот. Една од честите причини е и воспалението на средното уво, кое децата често го прележуваат без проблемот да се препознае навреме. Според податоците на Светската здравствена организација, повеќе од 60 проценти од наглувоста во детската возраст може да се превенира со навремено лекување и рана интервенција.

Поминува незабележано

– Скринингот на слухот кај новороденчињата е првиот чекор, но децата можат да развијат прогресивна наглувост или да го оштетат слухот подоцна во текот на растењето. Таквите состојби често поминуваат незабележано бидејќи се развиваат постепено или се благи. Затоа, информирањето на родителите и навремениот преглед се исклучително важни. Според податоците на Светската здравствена организација, наглувите деца имаат значителна корист од раната идентификација на оштетувањето на слухот.

Слушалки „до даска“

– Оштетувањето на слухот кај децата и адолесцентите често не се препознава навреме бидејќи симптомите можат да бидат многу суптилни. Детето може да изгледа незаинтересирано, расеано или да има тешкотии со концентрацијата и следењето на наставата, додека вистинската причина всушност е намалената можност за слушно следење и разбирање на говорот. Кај адолесцентите, проблемите дополнително се развиваат постепено, поради што често ни самите не ги забележуваат сè додека оштетувањето веќе не почне да влијае на секојдневната комуникација и на квалитетот на животот.

Експертите особено апелираат на навиките за долготрајно користење слушалки со висока јачина на звукот, кои денес станаа дел од секојдневието на децата и младите. Токму високите фреквенции на слухот се меѓу првите погодени од прекумерната изложеност на бучава, а оштетувањата можат да се развиваат со години без јасни симптоми. Редовната контрола на слухот не би требало да биде резервирана само за децата со изразени симптоми, туку да биде важен дел од превентивната грижа за здравјето, особено во периодот на интензивно користење слушалки и зголемена изложеност на бучава.

Како да се препознае

Денес постојат современи методи за тестирање на слухот прилагодени за деца, вклучувајќи ја и тоналната аудиометрија со посебен акцент на високите фреквенции, кои најчесто се оштетени кај постарите деца и адолесцентите. На родителите им се советува да обрнат внимание на првите знаци за можно оштетување на слухот, како што се засилување на телевизорот, послаба концентрација, често барање да се повтори кажаното во разговорот или повлекување од комуникацијата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk