Иако смртта отсекогаш го фасцинирала човештвото, долго имало малку докази за тоа како се чувствува или што доживува една личност во своите последни моменти.
Причината за ова е едноставна - информациите доаѓаат главно од роднини, најблиски или медицински персонал кои го набљудуваат пациентот, додека директните сведоштва на оние кои се збогуваат со светот речиси и да не постојат.
„Активно умирање“
Во повеќето случаи, пациентите се премногу болни, летаргични или несвесни за да дадат какво било објаснување. Смртта останува обвиткана во мистерија, објавува „Мирор“.
Денес, благодарение на модерната медицина, пациентите со терминални болести ги живеат своите последни моменти опкружени со грижа и внимание што им овозможува да поминат малку повеќе време со своите најблиски.
За повеќето од таквите луѓе, последните денови се обележани со ненадејно влошување на состојбата, процес што експертите го нарекуваат „активно умирање“.
„Прво чувството исчезнува...“
Експертот за палијативна нега на Универзитетот Стенфорд, Џејмс Халенбек, објаснува дека во тие денови, пациентите обично ги губат сетилата и апетитот по одреден редослед. Во својата книга „Перспективи на палијативната нега“, наменета за лекари, тој навел:
„Прво чувството на глад исчезнува, потоа жедта. Потоа се губи говорот, па видот. Последните сетила што обично исчезнуваат се слухот и допирот.“
Исто така, постои широко распространето верување дека луѓето гледаат „светла светлина“ во моментот на смртта. Во оваа прилика, директорот на Центарот за истражување на повреди на мозокот на UCLA, Дејвид Ховда, објаснува дека мозокот „почнува да жртвува делови што не се критични за преживување“.
Како што мозокот почнува да се менува и полека „умира“, различни делови се иритираат, од кои еден е визуелниот систем - што може да објасни зошто луѓето гледаат светлина во тие моменти.
Ова зголемено сензорно искуство делумно го потврдува она што научниците го разбираат за реакциите на мозокот во моментот на смртта.
„Можеме да претпоставиме“

Невроистражувачот од Универзитетот во Мичиген, Џимо Бориџин, забележува дека мозокот во моментите пред смртта го зголемува производството и ослободувањето на хемикалии.
Тој додава дека луѓето кои преживеале срцев удар често опишуваат „неверојатно искуство“, во кое ја гледаат светлината и чувствуваат сè „пореално од реално“. Бориџин го припишува ова на ненадејното ослободување на хемикалии директно од мозокот.
Во последните часови, пациентите престануваат да јадат и пијат, го губат видот и полека ги затвораат очите додека изгледаат како да спијат. Халенбек објаснува:
„Од овој момент па натаму... можеме само да претпоставуваме што всушност се случува. Мојот впечаток е дека ова не е кома, состојба на несвестица, како што мислат многу семејства и експерти, туку нешто слично на сон.“
Тешко е да се одреди точниот момент кога се случуваат овие промени.
„Како доаѓање на бура. Брановите почнуваат да растат. Но, никогаш не можете да кажете кога всушност започнале брановите. Брановите стануваат сè повисоки и повисоки и на крајот го носат лицето во морето“, заклучува Халенбек.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата