Најновата анализа покажа дека до 2030 година количината на пластичен отпад од амбалажата на Кока-Кола во океаните ќе достигне 602 милиони килограми, јавуваат денеска медиумите.
Студијата е објавена од непрофитната организација Океана во време на растечки стравови за ризиците кои ширењето на микропластиката ги носи по здравјето на луѓето, вклучително и појава на рак, неплодност и срцеви заболувања, пишува Гардијан.
Се известува дека оваа количина на пластичен отпад е доволна да ги наполни стомаците на 18 милиони китови.
„Кока-Кола е убедливо најголемиот производител и продавач на безалкохолни пијалоци во светот“, вели Мет Литлџон од Океана, додавајќи дека количината на пластичен отпад што тие го произведуваат навистина има големо влијание врз океаните.
Во студијата се наведува и дека, по оваа компанија, ПепсиКо, Нестле, Данон и Алтира се меѓу најголемите светски загадувачи на пластика.
Во исто време, се предвидува дека употребата на пластика во производството на Кока Кола ќе надмине 4,13 милиони тони годишно до 2030 година. Како што истакнуваат експертите од Океана најдобро решение за овој проблем би било да се вратиме на користење стаклена амбалажа, или шише направено од подебела ПЕТ пластика што може да се користи 25 пати.
Компанијата Кока Кола во 2022 година призна дека пакувањето за повеќекратна употреба е еден од најефикасните начини за намалување на отпадот, а истовремено се обврза да го зголеми уделот на овој вид пакување во нивното производство на 25 проценти до 2030 година. Како што пишува „Гардијан“, оваа цел, сепак, не е наведена во нивниот минатогодишен план за развој на одржливост објавен во декември.
Компанијата наместо тоа се фокусираше на зголемување на пакувањето што може да се рециклира.
Експертите за животна средина, сепак, долго време предупредуваат на преголемото потпирање на овој вид пакување, посочувајќи дека тоа често служи за префрлање на вината на потрошувачите наместо да се реши основната причина за кризата.
„Рециклирањето е одлично, но ако сакате да направите нова пластика за еднократна употреба од рециклирана пластика, тогаш тоа е проблем“, рече Литлџон.
Во исто време, производството на пластика се потпира на нафтата, поради што употребата на пластика е директна причина за климатските промени.
Охрабрувачки е што Коа Кола веќе лансираше пакување за повеќекратна употреба во неколку земји, вклучувајќи ги Бразил, Германија, Нигерија и делови од САД.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата