Катерина II Велика, родена Софија Фредерика Августа фон Анхалт-Цербст, (2 мај 1729 - 17 ноември 1796) — императорка на Русија во периодот од 1762 година до 1796. Таа всушност е и императорот кој најдолго се задржал на престолот на Руската Империја, а периодот од нејзиното владеење многу често се нарекува “Златен век“.
Таа водела успешни освојувачки војни. По војната со Османлиското Царство од 1766 до 1774 кон Русија го приклучила Кримскиот Полуостров. Ја проширила и на запад, на сметка на Полска. Како резултат на овие освојувања Русија станала најголема и најсилна европска држава во XVIII век, меѓутоа на општествен и стопански поглед заостанувала зад западноевропските држави.
Екатерина Велика (1729-1796) не била само успешен политичар, триумфална градителка на една империја и извонредна самоизградена жена со силни страсти во машкиот свет. Таа била и најхуманиот лидер што Русија го имала. Таа е во рангот на Елизабета Прва како една од најистакнатите женски монарси во историјата – иако нејзините достигнувања се поголеми од оние на Елизабета.
Екатерина била безмилосна во борбата за моќ и обожување, себепоттикнувачка во славните љубовни афери и крајно екстравагантна во уживањето во уметностите и луксузот – но таа била и претерано доброволна, пристојна во намерите, лојална кон пријателите, милозлива кон непријателите, толерантна, вредна, интелектуална и крајно интелигентна. Нејзиниот успех бил речиси невозможен.
Брак со вошлив и будалест надвојвода

Таа не била ни Русинка по потекло, немала право на престолот и, на 14 години, се нашла во брак од корист во бруталните пазуви на рускиот двор. Таа дури не се ни викала Екатерина, бидејќи се родила како Софи од Анхалт-Цербст, минорна германска принцеза во крпеницата од ситни кнежевства што ја составувале Светата римска империја, која служела како сводничка агенција за европските монархии.
Во 1746 година, царицата Елисавета ја поканила принцезата Софи во Санкт Петербург да се омажи за нејзиниот наследник, надвојводата Петар. Се преобратила во Православната црква, го земала името Екатерина и почнала да учи руски – но сопругот и бил разочарување. Ситен, вошлив, со предрасуди, будалест и кукавица, надвојводата Петар не бил достоен како руски престолонаследник и како сопруг на Екатерина. И тој бил Германец, но иако Екатерина и излегла во пресрет на руската култура, тој ја мразел и се плашел од Русија.
Веднаш ја шармирала царицата, стекнала пријатели и обожаватели кај дворските луѓе и стражата и се покажала како вешт политичар. Не е сигурно дали Петар успеал и да го конзумира бракот, но сигурно е дека не успеал да ја задоволи страсната Екатерина.
Кога се видело дека нема да има дете, царицата го договорила првиот љубовник на Екатерина, Сергеј Салтиков. Се родил син, надвојводата Павел.
Екатерина не била убава, но била згодна, малечка и со богати облини, со блескави сини очи и густа кафена коса. Имала и други љубовници, иако вкупно биле дузина во текот на животот – речиси 70 години што не ја оправдува нејзината репутација како нимфоманка. Никогаш не била промискуитетна, иако се гледала со повеќе мажи. Уживала во сексот, но повеќе била романтичарка која сакала да се скраси со еден маж.
Облечена во машка униформа го презела престолот

Среде жестоките ривалства на рускиот двор во текот на Седумгодишната војна, интригите на Екатерина речиси ја уништиле. Но ја искористила итрината и шармот за да преживее, земајќи го Григориј Орлов, популарен офицер во Гардата, како нејзин љубовник.
Кога починала Елисавета, а нејзиниот сопруг го наследил престолот, Петар Трети за неколку месеци ги отуѓил сите. На 28 јуни 1762 година, облечена во машка униформа, Екатерина го презела престолот. Според правилата, Петар морало да биде убиен за да го заштити правото на престолот; приврзаниците на Орлов го задавиле – а таа знаела дека секогаш ќе ја носи вината со себе.
Меѓутоа, штом стигнала на престолот, владеела внимателно и разумно. Тргнала да ја прошири Русија кон Црното Море, заземајќи територија на Турција. Свикала легислативна комисија за да го разгледа укинувањето на кметството и создавањето на вистински закони.
Се допишувала со филозофите, вклучувајќи го и Волтер, кој прв ја нарекол Велика”. Големата селанска буна на Пугачов и реалностите на аристократското владеење значеле дека голем дел од амбициите ќе завршат со разочарување, но владеела пристојно, разумно и уредно – напорно работела на тоа да го направи рускиот закон и општество помилосрдни и похумани.
Кога се распаднала долгата врска со Орлов, Екатерина ја сретнала љубовта на нејзиниот живот, кој ќе стане нејзин партнер во моќта. Принцот Потемкин бил згоден, едноок коњанички генерал, кој бил подеднакво политички брилијантен како и таа; но додека тој бил див и имагинативен, таа била разумна и внимателна. Комбинацијата била успешна.
Бурната сексуална афера почнала кон крајот на 1773 година, запишана во најскандалозните и романтични писма што ги напишал некој монарх. Најверојатно се венчале тајно, но кога завршила врската, Потемкин станал совладетел и најдобар пријател на Екатерина. Заедно се бореле против Турците, го анектирале Кримскиот полуостров, граделе градови, ги надмудриле Англичаните, создале Црноморска
флота, купувале уметнички колекции.
Следејќи го советот на Потемкин, Екатерина нашла љубов во серија на се помлади фаворити, учејќи ги на класиците, но кои не играле никаква политичка улога. Овие момчиња најчесто ја понижувале старата царица бегајќи со девојка на нивна возраст, оставајќи го Потемкин да ја теши. Кога починал во 1791 година, остарената Екатерина била со скршено срце и дозволила неталентираниот млад љубовник, Платон Жубов, да го замени, доведувајќи до политички грешки како анектирањето на Полска и неуспешниот сојуз со Шведска.
Постигнувањата на Екатерина – политички, воени и уметнички – сепак биле колосални. Нејзиното владеење претставувало златна ера, нејзината визија за Русија била крајно либерална, а нејзиниот лик зрачел со непобедливост. Екатерина Велика останува не само парагон на руските владетели, туку и најостварениот женски владетел во историјата.
Потемкин, љубовта на нејзиниот живот

“Може ли да се сака некој друг по тебе? … Нема маж на светот што ти е рамен. Му дадов тајни наредби на моето тело до последното влакно да престане да ти покажува и најмал знак на љубов. О, мисје Потемкин! Каква итрина изигравте за да извадите од рамнотежа ум за кој се веруваше дека е еден од најдобрите во Европа!” – Екатерина Велика во писмо до Потемкин.
Григориј Потемкин се родил во сиромашно семејство близу Смоленск во 1739 година, но пораснал во толку убав и интелигентен младич што бил споредуван со Алкибијад. Бил учен човек кој, фасциниран од религијата, сакал да биде свештеник, но наместо тоа и се придружил на Гардата и помогнал Екатерина да дојде на власт. Се вљубил во неа, но бил десет години помлад од неа, а таа се уште била со нејзиниот љубовник Орлов. Знаела дека Потемкин бил толку доминантен, страстен и надарен што би бил тежок партнер.
Но кога Екатерина била соочена со политичка криза во 1773 година, тие започнале крајно сексуална романса. Потемкин бил премногу енергичен и талентиран за да биде врзан. Затоа Екатерина го промовирала во рангот принц и станал нејзин партнер во моќта. Кога нивната страст, но не и пријателство, затаила, тие си нашле посебни партнери.
Како Екатерина и Потемкин се гордеел со пристојноста, толерантноста и хуманоста. Пушкин ја величал славата на неговото име”, а Сталин прашал: Која е најголемата заслуга на Екатерина Велика? Тоа што поставила талентирани луѓе како Потемкин да владеат со Русија”.
Потемкин починал во 1791 година во степа во Бесарабија, плачејќи над писмата на Екатерина. Кога слушнала за смртта, таа паднала: Никогаш нема да се роди нов Потемкин”.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата